Приведени 10 лица, запленети 20 килограми марихуана, седум возила и мотоцикл

Во повеќе координирани акции полицијата досега приведе 10 лица државјани на Северна Македонија и при претреси заплени околу 20 килограми марихуана, други опојни дроги, седум возила и еден мотоцикл.

Одделот за сузбивање организиран и сериозен криминал и Одделот за криминалистичка полиција при Бирото за јавна безбедност во МВР, во соработка со СВР Охрид и Одделот за специјални полициски операции, а во координација со Основното јавно обвинителство Струга, сузби криминална група која се занимавала со набавка и продажба на марихуана во Струга, Охрид, Битола, Велес и Тетово.

Во текот на истрагата, соопшти денеска МВР, било утврдено дека групата била предводена од Л.Г.(25) од Струга, кој бил задолжен за набавка, организирање на транспорт и дистрибуција до уличните дилери заради понатамошна препродажба и М.Д.(23) од Струга, кој дрогата ја криел во викенд куќа во село Горна Белица, каде таа била пакувана и доставувана на Л.Г. за понатамошна продажба.

На почетокот на август 2019 година на регионалниот пат Ресен-Битола извршен бил преглед во патничко возило „мазда“ со велешки регистарски ознаки, управувано од Д.Д.(38) од Велес и биле пронајдени околу 4,5 килограми марихуана, додека при претрес во неговиот дом биле пронајдени и одземени уште 2,5 килограми марихуана.

Во рамки на спроведеното истражување на подрачјето на Охрид, од слобода се лишени лицата Л.Г.(34) и А.В.(38), двајцата од Скопје. При претрес во апартман во населба Лагадин, каде што привремено престојувале и во патнички возила „опел вектра“ и „фолксваген пасат“, биле пронајдени и одземени околу три килограми марихуана.

На средината на август на влезот на Битола, се посочува во соопштението, при преглед на патничко возило „мицубиши“ управувано од З.К.(32) од Битола, била пронајдена и одземена марихуана, за што била поднесена соодветна пријава. При крајот на август од слобода се лишени Н.М.(52) и Г.М.(26), двајцата од Тетово, бидејќи при преглед на патничко возило „БМВ“ на регионален пат село Фалише и село Сараќино биле пронајдени и одземени околу 10 килограми марихуана. Сите овие лица дрогата ја набавувале од Л.Г. и М.Д.

Од МВР информираат дека вчера се извршени претреси на повеќе локации во Охрид и Струга кај членови на криминалната група.

Во Охрид се извршени претреси на две локации, кај П.К.(34) и Р.Т.(29), при што била пронајдена и одземена марихуана. На подрачјето на Струга извршени се претреси на дом и други простории на пет локации и тоа кај лицата Л.Г. и М.Д., при што биле пронајдени и одземени две дигитални ваги, патни торби со остатоци од марихуана, мобилни телефони, СИМ картички, пиштол „Чешка Зброевка“, една рамка и 16 куршуми, патничко возило „фиат пунто“ и мотоцикл „трува“. Сите четворица биле лишени од слобода и против нив ќе биде поднесена кривична пријава поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори” и „неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи“.

Врз основа на судска наредба извршен е претрес и во дом и други простории кај лицето М.М.(32) во Струга поради сомнение за инволвираност во недозволена трговија со дрога. Притоа, се подвлекува во соопштението, биле пронајдени и одземени марихуана и шишиња исполнети со непозната течност, за што по извршено вештачење дополнително ќе биде поднесена кривична пријава против лицето М.М.