Природа убавина - ова е легендата за селото кое се наоѓа југоисточно од падините на Водно

Ова село е дел од Општина Сопиште, во областа Каршијак, во околината на градот Скопје.

Селото Ракотинци се наоѓа во југозападниот дел на Скопската Котлина во составот на Општина Сопиште во пределот на етногеографската област Каршијак. Ракотинци е расположено на југоисточната падина на планината Водно, на левата страна на долот Бутурец. Селото е ридско на надморска височина од 480 метри. Од градот Скопје е оддалечено 8 километри.

Атарот на Ракотинци зафаќа површина од 9,7 км², од кои обработливото земјиште зафаќа 680 хектари, шумите зафаќаат 100 хектари, а пасиштата 83 хектари.

Соседни села се Сопиште, Добри Дол, Горно Соње и Долно Соње. Ракотинци се наоѓа непосредно јужно од селотo Сопиште кое е општинско средиште, а низ него води локален асфалтен пат за селото Добри Дол кој се спојува со регионалниот пат кон областа Поречје кај селото Маркова Сушица и Марковиот Манастир. Низ Ракотинци минува автобусот на ЈСП со број 58, кој сообраќа до соседното село Добри Дол.

Околу селото Ракотинци постојат повеќе старини кои сведочат дека на овој простор имало жители од многу одамнешни времиња. На возвишението Орловица (476 метри) според преданијата на жителите „бил град“. Со оглед на тоа дека селаните тука често откопувале ќерамиди и големи земјани ќупови, најверојатно тука се наоѓал мал утврден град со посада, кој го чувала патот во долината на Маркова Река. На потегот Црквиште, се наоѓаат една стара надгробна плоча и стар табуисан брест, а на истото место според преданијата на селаните некои турци копале во потрага по пари.

Првите пишани податоци за селото Ракотинци, датираат од крајот на XVI век, кога селскиот свештеник и повеќе лица од селото се запишани како приложници во Поменикот на манастирот во Маткаод 1560 - 1570 година. Македонскиот просветител Јордан Хаџи-Константинов - Џинот во својот напис „Јужна страна скопска“ објавен во „Цариградски весник“ на 1 мај 1855 година за Ракотинци запишал дека е најдобро плодно село со цркви урнисани.

Во селото постои црквата Света Богородица, за која селаните не го знаат датумот на изградба, но според изгледот таа е многу стара, веројатно повеќе од 350 до 400 години. До 1879 година, црквата имала и рушевини од манастирски конаци, при што истата година за нивна обнова, селаните на Ракотинци позајмиле пари од познатиот албански сточар, поседник и насилник Касам - ќаја, за што тие потоа 3 години бесплатно ја обработувале земјата на неговиот чифлик во Маркова Сушица. Селските родови, освен родот Станковци, биле чифчии и на поседниците им давале третина, а некогаш и половина од житото, се до 1878 година, кога поседниците започнале да им ја продаваат земјата на селаните.

Пред околу 120 години селото пострадало од чума, за што посведочил и македонскиот револуционер Ѓорче Петров, кој во 1896 забележал дека селото имало само неколку куќи, а пред тоа било толку богато со лозја што на спаилукот плаќало по 200 товари грозје, за истата година да спадне на само 70 до 80 товари.