Прилеп подготвен за „Пивофест“

Прилеп е подготвен за почетокот на 14. Фестивал на пивото и скарата „Пивофест“, кој ќе се одржи од 14 до 17 јули,.

Според градоначалникот на Прилеп, Марјан Ристески, кој заедно со претставниците од големите македонски пиварници се дел од фестивалот, се очекуваат од 350.000 до 400.000 гости во четирите фестивалски денови.

- И на овој „Пивофест“ ќе има многу испиено пиво, многу изедена скара и одлична забава. „Пивофест“ не е само обичен фестивал, туку голема туристичка атрација на градот и на Република Македонија. Очекуваме од 350.000 до 400.000 гости колку што стандардно го посетуваат фестивалот. На „Пивофест“ ќе има над 40 видови пиво, квалитетна скара и добра забава во текот на сите четири дена, рече Ристески.

На гостите Прилеп им обезбеди околу 20.000 паркинг места, а штандовите ќе бидат поставени на булеварот во центарот на градот на 20.000 метри квадратни.

Од Здружението на граѓани „Центар за граѓански иницијативи“ како коорганизатор на Фестивалот посочија дека ќе бидат поставени 30-тина штандови, а хотелските капацитети и приватното сместување се речиси исполнети, а место се бара и во околните градови.

- Надлежните институции деновиве одржаа координативни состаноци за Фестивалот да помине безбедно и во најдобар ред. Ќе биде продолжено и работното време на сите трговски и угостителски објекти во градот, појасни градоначалникот Ристески.

И годинава, сите кои сакаат да патуваат со воз ќе можат да дојдат на „Пивофест“ во Прилеп бесплатно со возовите на Македонски железници.

Во четирите фестивалски дена ќе настапат и познати македонски и балкански музички ѕвезди и групи, меѓу кои: Каролина Гочева, Миле Кузмановски, Хари Мата Хари, в сабота ќе настапи Аца Лукас, а в недела, на последниот ден на фестивалот гостите ќе ги забавува групата „Парни ваљак“.