Приказна од автобус за синот на сиромашни, но вредни родители...

Пред два месеци го видов ова:

На седиштето позади шоферот седи едно дете. Покрај него седи кондуктерот кој ги прибира картите.

Се работи за едно тивко и мирно дете. Црта невидливи кругови по прозорот. Ноктите му се изгризани, а јаболчниците отечени и виолетови.

Други деца позади него го закачаат, го удираат, па се кикотат. И како бран тоа кикотење се шири насекаде. А тој, ништо. Не реагира. Понекогаш само ќе се сврти за да им стави до знаење дека ги чувствува ударите, но молчи. Не започнува кавга, не се брани. Ги собира рацете пред себе. На себе има јакна која е неколку броја поголема. Женски модел, но беспрекорно чиста.

Мангупите не престануваат. Продолжуваат. Кондукторот не вели ништо, како и сите ние, затоа што не сакаме да се чувствува како жртва. Го познавам детето од гледање. Често се шета со едно бело куче покрај нашата куќа.

Родителите му работеа во еден локален текстилен комбинат, во погон. Фирмата пропадна поради крадци и криминалци кои седеа во директорски фотелји. Тие на фирмата и ставија клуч, а тие останаа на улица, исто како и мојот татко и уште 430 други луѓе. Сега работат на нива. Ова не е најпрекрасната приказна за момче во пубертет, кога често не умееш да се избориш и со себе и со промените, а да не зборуваме да се справиш со автобус неуморни деца кои не сфаќаат каква болка предизвикуваат со своето однесување.ж

Баш тој ден се присетив кога и јас бев средношколка и кога се појавија првите „Најк“ патики, првите Монтки... Се направи поделба. Убаво се знаеше кој има, а кој нема. И се сеќавам како на брат ми му купија фалсификати и копии на кои пишуваше РибАк.

Го паметам изразот на нивните лица кога си дојдоа од пазарот и ги донесоа патиките. Тој израз на лицето тешко се заборава. Тоа е она задоволство кога ќе направиш се што е возможно за да си го усреќиш синот. Брат ми се нервираше дека пишуваше РибАк. Пробуваше со фломастер да го поправи тоа РибАк, ама не успеваше. Набргу татко ми најде некоја подобра работа и успеа да му купи оригинални патики.

Ова момче, ако даде Господ, ќе го протурка овој период. Затоа што во пубертет се боли осум пати повеќе. Понекогаш боли до коска. И подлабоко од тоа. И умее да направи длабока тага, тага која тешко се голта, која се повлекува во себе и не си оди. Со која не можеш да се избориш. И тогаш може да се случи да живееш половично, рането, збунето, несфатено, отфрлено, како да си виновен што твоите немаат и како твоите да се криви што некои криминалци ја уништиле фирмата.

И покрај целата мака, уште болуваш поради грубоста не децата кои не знаат што прават.

Го гледам свиен и тажен и сакам да верувам дека ќе го надмине овој период.

Дека нема многу да биде тажен.
Дека ќе заборави.
Дека ќе сфати дека сето ова со скапите облеки е чиста глупост.
Дека тие не откриваат каков е човекот, ниту што носи тој во себе.

Кога ќе го надмине овој период, ќе сфати и дека ударите се враќаат. Секој удар. Можеби не на ист начин, не на исто место и со иста јачина, но се враќаат. Но, тоа не треба да го посакува.

И конечно ќе ја сфати најважната работа. Ќе сфати дека може да биде важен. И дека таа скината јакна нема да игра никаква улога.

Ниту парите.
Ниту недостатокот од пари.
Ни големата куќа.
Ниту малата, старата, влажна куќа.
Ниту скапиот автомобил.
Ниту евтиниот автомобил.
Ниту згодната девојка крај него.
Ниту скапите чевли.

Ќе сфати, само кога ќе дојде времето и кога ќе биде подготвен, дека три работи прават тој да биде посебен: Ум. Срце. Душа.

И начинот на кој ги носи.
И што прави со нив.