Најраспространето и најстаро превозно средство во градот бил пајтонот.

Пајтони се увезувале од Виена, но биле правени и во Скопје и Битола. Пајтоните  обично ги влечеле пар коњи, но имало и такви со еден коњ, а биле отворени или затворени во зависност од временските услови. Во Скопје имало повеќе станици каде што стоеле пајтони кои служеле како јавен превоз и тоа: кај Железничка станица, на ул.”Престолонаследник Петар”, ул. “Кнез Арсен” до самиот плоштад, кај Државната болница, од двете страни на Железниот мост-”Генерал Бојовиќ” кај Кејот”Крал Александар”, кај Железниот мост во ул.”Немањичка”, на Кејот “13 Октомври” кај Споменикот на паднатите борци, кај Воената болница и на Бит-пазар на ул.”Краљевиќ Марко”.

 Во Скопје постоело и Здружение на пајтонџии кое броело околу 500 членови кои вршеле превоз на патници во градот и надвор од него. Канцеларијата на Здружението на пајтонџиите, арабаџиите и амалите се наоѓала во зградата на салонот”Мацура”, прв секретар  бил Коце Кратовалиев(“Кратовалија”), а на крајот Страхил Титизов. Здружението имало и своја слава на денот на Св.Тодор, веднаш по Прочка. Тоа бил празник на коњите. На тој ден коњите  не  се изведувале од шталите, нив  дури не ги впрегнувале, а газдите - пајтонџиите оделе во црква, потоа во кафеана,  на веселба и слично. Пајтонџиите биле и од муслиманска и од христијанска вероисповед.

Еден од најпознатите пајтонџии во Скопје бил Благоја Дворски од Маџир маало, потоа како пајтонџија работел и Димче Попанков, а едни од сопствениците на пајтон за сопствени потреби била фамилијата Настеви, познати трговци.

Пајтонџиите работеле во дневна и ноќна смена. Дневната била од 6 до 20 ч. од април до октомври и од 7 до 18 ч. по октомври. Ноќната служба до 24 ч. била застапена со 4 пајтони, а до 4 ч. со два. Цените на возење, ако почетната постојка била кај Железничката станица, се движеле различно, во зависност од тоа колку луѓе се возеле и колкава била дестинацијата: од логорот “Крал Петар” 1-2 лица - 20 динари, 3-4 лица-25 динари, до Воена болница-15 динари, до Аеродром-20 динари, до Добиточниот пазар-20 динари итн.

Пајтонџиите имале обврска за задолжителна годишна регистрација и преглед. Регистрацијата и прегледот се вршеле пред зградата на II Полициска станица во Скопје, на  ул.”Венец на Цар Душан” бр. 27.