Претприемачкиот дух кај жените поголем: Сопствени бизниси со стимулативните владини мерки

Над 3.100 жени отвориле сопствени бизниси во периодот од 2007-2016 година само со поддршка на стимулативна мерка на Владата. Кај жените е зголемен претприемничкиот дух и се повеќе жени отвораат сопствени бизниси.

Директорката на Центарот за вработување на град Скопје Слободанка Алексовска денес потпиша Меморандум за соработка со здруженија од граѓанскиот сектор со цел вклучување, поддршка и поттикнување на што поголем број жени за самовработување, отворање на сопствен бизнис и зголемување на нивниот претприемачки дух.

Алексовска истакна дека во изминатите десет години целосно се смени сликата и улогата на жената. Конечно и се даде шанса да биде дел од различни управувачки функции.

-11-тиот по ред Оперативен план за активни мерки и услуги за вработување донесе 22 програми и мерки за вработување, 11 услуги на пазарот на трудот, а вкупниот број на учесници се предвидува да надмине над 41.000 лице кој ќе отвори нови 10.000 работни места. Позитивен е фактот што во сите овие новоотворени работни места учество ќе имаат жените од 30 проценти. Досегашните резултати покажуваат дека целокупното учество на жените, земајќи ги во предвид сите заедно мерки и услуги кои се реализирале од 2007-2016 година е над 45 проценти во вкупните мерки, посочи Алексовска додавајќи дека со Оперативниот план се опфатени сите жени од сите возрасни категории, како и сите целни групи.

Државните институции и граѓанските здруженија ќе се насочат кон повеќе области со цел заедничка соработка преку организирање на едукативни средби и советувања со цел зајакнување на вештините и капацитетите на жените, организирање на заеднички и индивидуални средби во различни мотивациски облици кои имаат за цел да ја подигнат свеста кај жената за нејзино вклучување на пазарот на труд. Планирана е и поддршка на жените од руралната средина, поттикнување на жени фармери, вклучување на жените во земјоделскиот сектор, поттикнување на занаетчиство кај жените.

Валентина Дисоска од Здружението на бизнис жени истакна дека преку заедничко работење може да се постигне повеќе.

-Тука сме ние здруженијата, АВРМ и сите институции со кои соработуваме и нивните проактивни мерки кои ги преземаат за да постигнеме една ситуација на стабилно економско поле на жените во Република Македонија. Ќе работиме со заеднички сили, ќе даваме иницијативи и ќе ги спроведување нашите акциски планови во заедништво со другите организации и во заедништво со АВРМ, вели Дисоска.

Претседателката на Здружението на жени менаџери, Ленка Угриновска ја поздрави иницијативата за здружување на јавниот и граѓанскиот сектор.

-Наша единствена цел во ова здружување е да ги поддржиме сите мерки и активности со цел да се надмине родовиот дисбаланс на пазарот на трудот. Како здружение со своите активности би се нашле во мотивирање, охрабрувањето, градењето на економскиот капацитет на жените бидејќи во нашето здружение има жени кои се успешни менаџери и ќе придонесат жените да ги надминат предрасудите и ќе ги охрабриме да ги отпочнат своите успешни деловни приказни, вели Угриновска.