Пресечен е меѓународен канал за транспорт за наркортична дрога во Скопје

Во заедничка и координирана акција на Одделот за криминалистичка полиција – Секторот за недозволена трговија со дрога, оружје и опасни материи при СВР Скопје и царинските инспектори од Одделението за оперативни работи од Царинската Управа на Република Македонија,  пресечен е меѓународен канал за транспорт за наркортична дрога марихуана, при што биле пронајдени и запленети  околу  2,5 килограми наркотична дрога марихуана. 

Вчера околу 10 часот и 45 минути, по претходно добиени оперативни информации дека ќе се врши меѓународен транспорт на наркотична дрога марихуана од Република Македонија за Република Турција, на улица „Панче Неделковски“ во Скопје, било запрено патничко возило „Мерцедес“ со скопски регистарски ознаки, управувано од лицето С.И. од Скопје.

 Возилото и лицето биле спроведени  во просториите на Царинска испостава  Скопје 4 , каде што од страна на царинските инспектори бил извршен детален претрес на возилото. Притоа, во резервоарот на возилото бил пронајден специјално изработен бункер за криење и пренесување на недозволена стока. Во бункерот биле пронајдени една црна најлонска кеса со непозната зелена тревкаста материја и една бела најлонска кеса обвиткана со леплива трака со непозната зелена тревкаста материја. По извршената проверка, било констатирано дека се работи за наркотична дрога марихуана со тежина од околу 2,5 килограми.

С.И., во текот на август годинава, дрогата ја набавил од непознато лице од Република Албанија, ја сокрил во бункерот во резервоарот за гориво и со истото возило ја транспортирал во Македонија. 

Секторот за внатрешни работи Скопје против С.И. ќе поднесе кривична пријава поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори”. 

Лицето С.И. од претходно било познато на службата за борба против дрога. Во 2012 година, на граничниот премин „Богородица“, бил фатен при обид да транспортира околу пет килограми наркотична дрога хероин. За тоа дело бил осуден на казна затвор во траење од пет години. Од затвор излегол во  февруари 2017 година.