Препеана на најмалку 10 светски јазици - „Македонско девојче” се пее секаде каде царува убавиот македонски дух

Песната по која најчесто не’ препознаваат е „Македонско девојче”.

Речиси и да не постои човек кој не ја знае. Таа е најпеаната песна од Македонија на сите времиња, како во земјава, така и надвор од неа. 

Препеана на најмалку 10 светски јазици. „Македонско девојче” се пее и на седенки и на свадби, но и на спортски настани, секаде каде царува убавиот македонски дух.

Малкумина ја знаат приказната за раѓањето на „Македонското девојче”. 

„Татко“ на оваа прекрасна македонска песна е бардот Јонче Христовски. Тој бил чест гостин во семејството на Виолета Томовска, со која и самиот соработувал. На една од тие средби, кога ќерката на Виолета - Невенка, го славела својот прв роденден, настанала токму оваа песна,  тогаш за прв пат изведена од Томовска и Кирил Манчевски.