Премиера на краткометражниот филм „Последните камбани“

Во Кинотеката на Македонија вечер премиерно ќе биде прикажан краткометражниот филм „Последните камбани“ по сценарио и во режија на Николче Поповски, во кој главната улога ја игра Мето Јовановски.

Филмот е во продукција на „ДНФ филмс“ и поддржан од Агенцијата за филм на Република Македонија. Се снимаше минатиот септември во селата Љубојно и Брајчино. Директор на фотографија е Фејми Даут, продуцент е Гоце Кралевски.

– Филмот говори за осаменоста и соочувањето со неа, ја носи приказната за старец (Јовановски), кој преку камбаната комуницира со неговиот пријател од соседното село. Куриозитет на „Последните камбани“ е што во него воопшто нема говор, а убавините на двете села играат важна улога и како да се дел од карактерите, соопшти продукцијата.

Покрај Мето Јовановски, во актерската екипа се и Сања Николовска и Виктор Најдовски. Сценографијата е на Никола Анѓелковски, костимите ги изработи Ирена Боневска, а музиката е на Дарко Спасовски и Горан Кан.