Официјалната премиера на филмот „Кога денот немаше име" на македонската режисерка Теона С. Митевска во Скопје ќе се одржи в четврток, 12 октомври, со почеток во 20 часот, во киното „Милениум".
Веднаш по премиерата, филмот ќе започне со редовни кинопроекции на репертоарот во скопските кина „Милениум" и „Синеплекс".
Отворената средба на филмската екипа со медиумите е закажана за петок, 13 октомври, од 11 часот во „Јавна соба".
„Кога денот немаше име" е првиот македонски филм по „Пред дождот" на Милчо Манчевски што е продаден за киноприкажување во Кина. Светски познатиот агент за продажби Cercamon веќе ја потврди оваа продажба, што е огромен и редок успех за еден македонски филм.
На 13 октомври, петок, по проекцијата во 19.45, и на 17 октомври, вторник, по проекцијата во 19.30, во „Синеплекс" гледачите ќе имаат ексклузивна можност веднаш по проекцијата на филмот да се сретнат со актерите што ги толкуваат главните улоги на разговор и дискусија. Модератор на дискусиите ќе биде филозофот Мариглен Демири.
Освен веќе нашироко познатата и докажана македонска режисерка Теона С. Митевска, на филмот работеа и Агнес Годар, француската директорка на фотографија, која го снимаше овој филм, продуцентката Лабина Митевска и сценаристката Елма Татарагиќ. Главните улоги ги толкуваат шесте млади актери: Леон Ристов, Ханис Багашов, Стефан Китановиќ, Игорчо Постолов, Драган Мишевски и Иван Вртев Шоптрајанов.
Филмот премиерно беше прикажан на Берлинскиот филмски фестивал, а веднаш потоа следуваа низа успешни учества на голем број значајни филмски фестивали во светот.
Во Македонија премиерата на филмот беше на 29 септември на фестивалот „Браќа Манаки" во Битола, а на 7 октомври беше прикажан и во рамките на манифестацијата „Бела ноќ" во Скопје.
Овој филм ја раскажува приказната за шест тинејџери. Милан и неговиот најдобар пријател Петар подготвуваат авантуристичка екскурзија со своите другари на периферијата на Скопје. Тие се возбудени од претстојната ноќ на пиење и лудување пред раноутринската риболовна експедиција. Тие се типични тинејџери, полни со сексуални и романтични тензии и возбуда, вознемирени и оптоварени со пари и со материјални нешта. Понекогаш се ѓаволести, понекогаш и ангелски; гладни за да бидат возрасни, сепак со детско однесување. Во дисфункционални односи со своите родители, во семејства нарушени од транзициските маки, тие се генерација што расте растргната од социјална несигурност и од сомнителни вредности. Нивната ноќ на луда забава е одбележана со несреќна посета на тинејџерка проститутка и целосно е превртена со ненадеен конфликт...