Премиерата на претставата „Белградска трилогија“ на Биљана Србљановиќ, ќе се изведе денеска во киното „Култура“ во 20 часот.

Претставата е во режија на Нина Николиќ, а во продукција на Перипетија. Репризите на претставата се во вторник (06.06.2017) и среда (07.06.2017).

„Белградска трилогија“ е претстава за причините за напуштање на сопствената држава, но и за реалноста со која се соочува човек надвор од неа. До крајот на 2013 година од Македонија се иселиле 626.312 луѓе. Ако на оваа бројка се додадат и иселувањата од минатите три години и годинава, тогаш бројот дополнително се зголемува. Македонија е меѓу 10. топ земји од кои се иселуваат нејзините граѓани. Во периодот 2009-2013 година Македонија се наоѓа во групата на десетте земји со најголем интензитет на „одлив на мозоци“. Анкетите покажуваат дека 85 отсто од младите сакаат да се иселат од државата поради невработеност и немање можност за професионален и личен напредок.

Ликовите ги толкуваат: Григор Јовановски, Исидор Јованоски, Петар Стојанов, Душица Тренева, Сара Анастасовска, Душица Настова и Сергеј Димовски. Костимите за претставата се на Ивана Каранфиловска Угуровска, а сценографијата на Вишња Вујовиќ.

Билетите се пуштени во продажба на мрежата на „Купи карта за сѐ“ по цена од 250 денари или во киното „Култура“ половина час пред почетокот на претставата. Премиерната изведба е веќе распродадена, но публиката е сѐ уште во можност да набави билети за репризите.