Премиера која ќе ве насмее: "Грабеж на векот" – во Драмски!

“Како да се ограби банка” е наслов на новата претстава која љубителите на театарот и жанрот комедија премиерно ќе имаат можност да ја видат утревечер (23 февруари) со почеток во 20 часот во Драмскиот театар во Скопје.

Актерите и режисерот Иван Манасковски најавија одлична претстава, а директорот на Драмски Сашо Тасевски на шега ја најави како “грабеж на столетието” или претстава која никого нема да остави рамнодушен. Во претставата играат Лазе Манасковски, Марија Кондовска, Гоце Тодоровски, Симон Манасковски, Катерина Шехтанска-Лаковски, Калина Наумовска и Игор Георгиев.

“Претставата е феноменална комедија на ситуации, а актуелна е бидејќи во годините зад нас бевме сведоци на спектакуларни грабежи на банки кога се изнесуваа милиони евра сред бел ден. Затоа е голема актуелност на претставата особено ако се земе во предвид дека една крајно сиромашна фамилија, изгубена во една заеница, се решава на ваков екстремен чекор да ограби банка само за да се реши од сиромаштијата”, истакна Тасевски.

Според режисерот Манасковски на кого ова му е прва самостојна режија во Драмски, се работи за претстава со која публиката ќе се забавува заедно со актерите и која , како што вели зборува за комичноста на луѓето кои ќе се најдат во комплицирани ситуации.

“Парите го вртат светот. А што би правеле кога тие не би биле дел од нашиот живот и нашето секојдневие? Што би правеле кога ќе го допрете дното во општеството и кога единствената мисла со која ќе се будите наутро е “како да го наполнам својот стомак?” Одговорот на ова прашање е многу едноставен. Ајде да ограбиме банка. Овие први инстиктивни мисли кои си играат во нашата глава, овој пат ќе станат вистина.

Снаодливоста е главната особина на семејството Кепевски! Сите членови имаат некој свој личен проблем и секој од нив со него постапува многу наивно. Главата во семејството и човекот кој ја има диригентската палка е “големиот ум”, Раде Кепевски. Овој човек нема материјални средства да ја преживее неделата, но тоа не го спречува да ја следи својата страст за измислување нови изуми, убедувајќи ги притоа сите, дека тие се корисни во нивното секојдневие… , вели Манасковски во најавата за претставата.

Сценографијата е на Доротеа Ѓоргиевска, а костимографијата на Фросина Настевска.