Не знам дали опсесијата со катастрофите е во генетскиот код на сите луѓе, но за луѓето на Балканот претставува некакво необјасниво задоволство. Понекогаш ми изгледа како луѓето едвај да чекаат да раскажат некакви лоши работи кои им се случиле на луѓе кои и не ги познаваат.

Потоа, следува еден час прераскажувања, тажења и жалења за судбината на актерите од приказната, кои најчесто воопшто не сме ги ни виделе во животот.

Но, најверојатно сме навикнати на катастрофи. Катастрофата ни е во генетскиот код. Кога во општеството ќе почне да се зборува за нешто лошо, некако како да се тркаме околу тоа тоа кој ќе има некаква слична приказна или уште полоша приказна.

Ретко зборуваме за убавите работи. Научени сме да мислиме дека зборувањето за убави работи за себе е знак на препотентност. Ароганција. Не е океј. Не е пожелно.

Туку, кој се разболел? Дали умрел некој? Кој изневерил? Кој се развел?

Дајте ни ги катастрофите, затоа што од нив растеме.

Одмавнуваме со раката на сите убави и позитивни примери. Туѓата среќа не е забавна, а и тешко се прифаќа.

Се имам отргнато од многу луѓе кои постојано кукаа. Од луѓе кои не умеат да се шегуваат и да се смејат. Сфатив дека преку глава ми е од катастрофи. Сфатив дека никој не мора да ме потсеќа на тоа дека животот може да биде кретен. И навистина не ми се слушаат празни муабети кои со себе носат еден тон негативности.

Од каде потребата за постојани муабети за смрт, за тоа кој се разболел и кој не се излечил? Зошто, кога има толку многу приказни за животот и за оние кои оздравеле? Смртта е неизбежна. Можеш да бегаш од неа, но таа ќе те чека токму на точката на која ти било судено. Зошто секој ден да се убиваме малку по малку, зборувајќи за црното, за сиво, за смртта, за катастрофите, за солзите?

Зошто, кога можеме да се смееме? Зошто се давиме во негативности? Зошто секоја позитивна приказна настојуваме да ја обоиме со песимизам? Поради страв од пораз? Поради недостижноста на победата?

Секогаш одбирам оптимизам. Понекогаш можеби и грубо ја оттурнувам несреќата и оние замислени проблеми. Не можам. Не сакам. Уморна сум од сивилото.

Во животот има решение за сѐ. И оздравуваш. И победуваш. И заработуваш и преболуваш. И преживуваш, но само кога сакаш да живееш. Само тогаш кога не им дозволуваш на другите да го убиваат твојот дух.

Животот е убав, ако знаеш како се живее. Зборувањето за туѓите несреќи нема да те подготви за ниту една несреќа која би можела да ти се случи. Стравот од несреќата нема те подготви за несреќата, ако некогаш доживееш несреќа. Но, затоа ќе прескокнеш еден тон среќа и насмевки, фокусирајќи се на она што те плаши.

Еден ден навистина ќе умреш. И не знаеш кога ќе биде тоа. И додека си тука, обиди се да живееш најубаво што можеш.