ПРЕДНОВОГОДИШНО: Маркетите уште сега ги качија цените

Путерот, сирењата, кашкавалот, некои видови млеко и месо, сувомесни производи, паштети, слатки и серија други намирници со кои домаќинствата секојдневно ги полнат корпите во маркетите, веќе цел месец имаат нови, повисоки цени.

Ако обично поскапувањата се случуваат бавно и незабележано, по денар, два, сега тие се сериозно видливи на сметките. Путерот и тоа оној од 200, а не од 250 грама, е поскапен за најмалку 40 денари, килограм сирење за 10 до 30 денари, свинското месо по вообичаената цена сега се продава како на акција, говедското е поскапо за околу 120 денари, додека новата цена на килограм телешко во некои месарници и маркети е поголема за вртоглави 200 денари.

Граѓаните се во недоумица. Што се случува? Дали ова е предновогодишна честитка од трговците до граѓаните, поточно нивен лов во матно во месецот на потрошувачката еуфорија? Или, пак, ова е само увертира во она што ќе не дочека по најлудата ноќ, кога камионите кои ги транспортираат продуктите потребни на домаќинствата ќе ги полнат резервоарите со дизел гориво, поскапо за три ипол денари по литар, поради стапување во сила на владината одлука за зголемување на акцизата на нафтата за три денари?

Трговците на големо и мало, наспроти она што се гледа во маркетите, уверуваат дека само мал број производи имаат зголемени цени и велат дека тоа е реално.

Цената на лебот, пак, која барем досега била прилично сензитивна на поскапувањата на горивата, со голема веројатност ќе остане иста и по 1 јануари. Барем така најавуваат пекарите.

Во недостаток на конкретни најави за тоа со какви цени ќе ја почнеме годината што доаѓа, за да се види дали зголемената минимална плата побргу ќе се троши, сепак ќе треба да се причека јануари. Прашање е дали трговците ќе се решат на уште еден бран поскапување со оглед на малата куповна моќ на граѓаните, или ќе калкулираат со маржата за да си го спасат прометот. Но, извесно е дека домашниот буџет на граѓаните кои возат дизел автомобили, побрзо ќе се троши. Според пресметките на регулаторната комосија за енергетика, од вкупната потрошувачка на нафтените деривати, 64 проценти отпаѓа на дизел горивото.

Извесно е дека ќе биде погоден јавниот транспорт. Од ЈСП веќе излегоа со пресметка дека на годишно ниво трошоците ќе им бидат поголеми за 31 милион денари, но за да не расте цената на билетот, може да се интервенира со субвенции од Град Скопје. Можно е и поскапување на такси-превозот, но и таксистите велат дека се уште не направиле пресметки колку ќе добијат, а колку ќе изгубат ако ги зголемат цените. Дизел горивото се користи и за земјоделската механизација, па земјоделците, исто така најавуваат дека е можно зголемување на цената на финалниот производ.