Предлог-законот за основно образование влезе во Собранието

 Предлог-законите за основно образование и за наставници и стручни соработници во основно и средно образование денеска влегоа во собраниска процедура откако Владата ги усвои на седница минатиот вторник.

Матичната собраниска комисија на седница денеска речиси три часа го утврдуваше дневниот ред со овие две точки затоа што пратениците на опозициската ВМРО-ДПМНЕ бараа одложување на седницата бидејќи текстовите на предлозите ги примиле завчера и немале време внимателно да ги разгледаат за да влезат во материјална расправа. Сметаат и дека со тоа што е закажана, според нив избрзана комисиска седница, а предлозите не се ставени и на 106-тата пленарна за 23 јули, односно по три работни дена од комисиската, се крши член 140 од собранискиот Деловник.

Реагираше и пратеникот на Алијанса за Албанците Сурија Рушиди затоа што материјалите кои им стигнале пред два дена не се преведени на албански и му е ускратено уставното право да ги чита на мајчин јазик.

По едночасовна пауза го утврдија дневниот ред откако не беше прифатен предлогот на ВМРО-ДПМНЕ тој да се дополни со уште една точка која бараа да биде и прва на денешната седница – актуелната состојба во основното, средното и високото образование.

Пратеникот Димитар Стевананџија ја критикуваше претседателката на собраниската Комисија за образование, наука и спорт Жаклина Лазаревска дека осум месеци не закажувала седници, освен за усвојување на статутите на универзитетите, а имало, како што рече, многу причини и поводи досега да се дискутира за состојбата во образованието.

Лазаревска одговори дека јавна расправа за образованието ќе има тогаш кога ќе се создадат услови односно кога МОН ќе одговори на нивното барање пратено пред еден месец за Информација за состојбата во образованието.

Во врска со Предлог-законот за основното образование, Стевананџија истакна дека тој е системски и, како што рече, устав во образованието, но дека во првата фаза ќе бидат дистанцирани од гласање.

-Ние сме за ова законско решение и тоа ќе го докажеме во амандманската расправа. Ќе имаме амандмани и тие нема да бидат малку, рече Стевананџија.

Критики од опозициските пратеници имаше уште пред да се утврди дневниот ред. Според нив, речиси 90 отсто од одредбите во предлогот за основно се препишани од програмата на ВМРО-ДПМНЕ. Опозиционерите сметаат дека дури и да се изгласа законот, од 1 септември не ќе може да се применат ниту 30 од 187-те членови, пред сè, тие што се однесуваат на инклузија на деца со попреченост во редовното образование во услови кога нема пристапни рампи во училиштата, ниту приспособени санитарни јазли.

Пратеникот Драган Данев рече дека законот што е предложен не носи суштински реформи туку е, како што рече, закон заради закон.

Министерот за образование Арбер Адеми кој е предлагач на новите законски решенија изјави за медиумите дека очекува конструктивност во дискусијата за предлозите кои денеска се разгледуваат во прво читање.

-Мислам дека има простор и надеж денеска да добие зелено светло потребата за донесување два многу значајни закона. Како министер за образование и наука сум најзаинтересиран овие закони да се донесат со консензус, и од опозицијата ќе барам да нè поддржат, да нема поделба власт – опозиција. Најдоброто нешто за Република Северна Македонија ќе биде овие два предлог-закона да ги донесеме заедно, рече Адеми.

Во однос на очекувањето на матичната собраниска комисија МОН да им одговори со Информација за состојбата во образованието за таа да организира јавна расправа, тој рече дека се заинтересирани за таква дискусија.

-Од дискусии не бегаме и треба да има за да го слушнеме секое мислење. Граѓаните и пратениците треба да имаат мислења за состојбите во секоја област, вклучително и за образованието, така што може да дадат голем придонес во она што ние го работиме, додаде министерот за образование и наука