Во туристичките агенции нема слободни места за продолжен викенд во Бугарија. Македонците в сабота масовно ќе заминат на три дена, најмногу во Банско. На листата најбарани дестинации во нашите агенции веднаш зад Банско е Малта, следуваат Истанбул, Будимпешта и Сутоморе.

Само туристичката агенција „Бисер пром“ за празникот ќе испрати во Банско 4 автобуси, а местата им се потполнети и на сите други агенции што го нудат овој зимски центар.

„Распродадовме сè што имавме уште пред една недела. Првите резервации ги добивме уште пред еден месец. Најголем е интересот за хотелите со четири ѕвездички. Ние нудиме пакет-услуга, односно превоз, сместување на база полупансион со користење спа и бесплатен интернет по популарна цена од 3.500 денари за две ноќевања. Автобусите се полни, немаме повеќе места, но нема место ниту за заинтересираните за патување со сопствен превоз. Имавме двапати повеќе заинтересирани за патувања со сопствен превоз и ги исполнивме сите капацитети што ни беа на располагање. Од контактите со бугарските колеги дознавме дека претстојниот викенд 90 отсто од гостите во Банско ќе бидат Македонци“, вели Петар Дончевски од „Бисер пром“.

Тој викендов очекува голем метеж на границата со Бугарија, но нагласува дека за автобусите има посебна лента, па патниците со пакет-аранжманите побргу минуваат во споредба со приватните автомобили.

Уште некое место за Банско може да се најде во агенциите „Пет“ и „Кондор“, но во скапите хотели со пет ѕвездички. И тие нудат пакет-услуга со превоз и веќе имаат полни автобуси, еден агенцијата „Пет“, најмалку два агенцијата „Кондор“. Од „Пет“ велат дека и покрај тоа што имале понуда за „Дракула турата“, за Венеција, Мурано, Бурано, интерес во агенцијата имало само за Банско.

По еден голем автобус за Истанбул, за Будимпешта и за Сутоморе за празникот ќе испрати „АС транс“, а сигурна реализација на турата за Истанбул најави и агенцјата „Нехар травел“.

Разлика за овој празник направи туристичката агенција „Атлас – Скопје“. Кај нив најбарана понуда за овој празник била посетата на Малта.

„Иако имавме голема и разновидна понуда за празникот, интерес има само за Малта и за Банско. За Малта успеавме да наплониме еден авион, сè е распродадено, нема повеќе места, а се полнат и последните места за Банско што ги нудиме за патници со сопствен превоз. Голем интерес овој октомври имаме и за сити брејк понудата што ја правиме по барање на патникот, а не е врзана со датуми ниту, пак, со оформување група, а се покажа и дека е поевтина отколку групните патувања“, вели Маја Димитриевска, сопственичка на „Атлас“.

Годинава 23 Октомври, Денот на македонската револуционерна борба, се паѓа в понеделник. Не е работен оти од 2007 година е прогласен за државен празник, па сите граѓани добиваат продолжен викенд од три дена. Измената на Законот за празниците ја направи ВМРО-ДПМНЕ во првата година од 11-годишното владеење, па граѓаните го нарекоа вмровски празник.