Празни дуќани во ГТЦ, најава за нови шопинг-центри во Аеродром и Ѓорче

Големите трговски центри кои последниве години почнаа да се градат во Скопје наметнаа нов потрошувачки тренд кај граѓаните, кои сè повеќе одат да купуваат таму отколку во строгиот центар на градот, кој порано важеше за главна шопинг-зона.

Шопинг-центрите се полни, а познавачите на пазарот на недвижности коментираат дека им го земаат лебот на дуќанџиите од центарот, чии локали сè почесто можеме да ги видиме празни и со натпис: „Дуќанот се издава“.

Закупнините на малопродажниот простор во главниот град бележат намалување изминативе неколку години, иако премиум локациите се уште држат цена. Метар квадратен на премиум локација во трговските центри чини речиси 40 евра, во центрите во населбите достигнува 17 евра, додека на главните пешачки зони изнесува 34 евра.

И покрај големиот број на трговски центри во Скопје, консултантите велат дека постојат услови нивниот број и натаму да расте. Нов малопродажен простор нема да биде понуден до крајот на следната година за кога е најавено отворањето на трговскиот центар Џевахир Мол во населбата Аеродром и Емпорио Мол во Ѓорче Петров.

За да го задржат сегашното ниво на цени, старите трговски центри ќе треба да направат подобра прераспределба на просторот кој го изнајмуваат. Дотогаш ГТЦ ќе остане локација со најголем празен простор од 30% од вкупната површина за закупување. Слична е состојбата и во Буњаковец каде една третина од објектите зјаат празни, следат Беверли Хилс и СП Планет со над 30%.