Правила за чување домашни миленици во Македонија

Доколку чувате домашен миленик, или планирате за краток период истиот да го набавите, треба и добро да го познавате законот. За да не дојде до непланирани казни, внимавајте на обврските што ги имате како сопственик. 

Знак на влезната врата

Независно за каков тип на куче да станува збор, или која големина, на влезната врата мора да имате знак со кој ги известувате останатите дека чувате миленик. 

Подводник 

Кучето на јавно место мора да носи подводник, со исклучок на специјални места како што се паркови за миленици каде кучето може слободно да трча во присуство на сопственикот. Без подводник можат да одат само ловечките кучиња за време на лов и овчарските додека се грижат за стадото. 

Маска 

Доколку станува збор за опасни кучиња и кучиња со голем раст, маската на уста им е задолжителна за во јавност. Кучето слободно може да трча само на посебно обележаните површини. 

Хируршки интервенции 

Врз миленикот се забранува да се врши хируршка интервенција за модифицирање на изгледот како што е скратување на опашката, потсекување на ушите, осакатување на канџите и обеззабување. Хируршка интервенција е дозволена само доколку постои медицинска потреба за тоа и исклучиво безболно извршена од специјализирано лице. 

Регистар за опасни кучиња 

Доколку некој одлучи да чува опасно куче, треба да исполнува одредени услови. Кучето мора да се чува во заграден простор или врзано, а додека се движи и шета по јавните површини покрај подводникот задолжителна е маската. Малолетниците немаат право да шетаат со опасно куче. Доколку на сопственикот не му е јасно правилото, ќе мора да посетува одредени обуки во АХВ 

Организирани борби 

Сите кучиња кои ќе бидат затекнати во организирани борби ќе бидат одземани од сопствениците и сместени во прифатилиште. 

Казни 

Доколку сопственикот го води своето куче без подводник ќе добие казна од 30 евра. Ако до напушти миленикот, поттикне агресивност или врши хируршка интервенција, казната изнесува 150 евра. Доколку сопственикот не го пријави своето куче на ветеринар и на влезната врата не постави табла со известување, ќе добие касна од 30 евра. Оние кои нанесуваат болки, патење и повреди на животните имаат казна од 3.000 евра.