Како и секоја година во овој период, Градот Скопје е во градежна офанзива каде работи на голем број на инфраструктурни проекти на територијата на сите 10 општини во Скопје.

Во присуство на градоначалникот на град Скопје, Коце Трајановски, министерот за транспорт и врски, Владо Мисајловски, градоначалникот на општина Гази Баба, Тони Трајковски и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, вчера официјално беше пуштен во употреба новиот кружен тек. Кружниот тек се наоѓа меѓу улиците „16 Македонска бригада“ и „Коце Металец“ во населба Автокоманда.

Во моментов се работи на проширување и пробивање на нови булевари на потег со вкупна должина од околу 9.000 метри. Како поважни од градот ги издвојуваат следните проекти:

Изградба на булеварот Христијан Тодоровски Карпош во општината Чаир

Во првата фаза новиот дел од булеварот “Христијан Тодоровски Карпош”ќе се гради на потегот од крстосницата со булеварот „Босна и Херцеговина“ до после крстосницата со улицата „Натанаил Кучевишки“ во должина од 1000 метри. За реализацијата на првата фаза на овој капитален проект, Град Скопје ќе издвои 160 милиони денари или околу 2,6 милиони евра.

Проширување на улицата Тодор Александров во Центар

Со овој проект оваа фреквентна улица ќе се прошири на потегот од крстосницата со булеварот Мајка Тереза и улицата Белградска, кај ОУ „Кочо Рацин“, до кракот на оваа улица што води кон Панорама, во должина од околу 600 метри и ќе се овозможи развој на населбите лоцирани во подножјето на Водно, како и непречено движење на растечкиот број посетители кон рекреативните содржини на Водно.

Проширување на улицата Трета Македонска бригада во Аеродром

Проектот за проширување и реконструкција на улицата Трета македонска бригада, втора фаза, на потегот од крстосницата со улицата Васко Карангелевски до улицата Никола Карев, делница долга 1.400 метри.

Проширување и реконструкција на булеварот Борис Трајковски во Кисела Вода во трета фаза

Булеварот „Борис Трајковски“ во оваа трета фаза ќе се реконструира и проширува на потегот од фабриката Стаклара до влезот во населбата Пинтија, со вкупна должина од 2.200 метри.

Проширување и реконструкција на булеварот Асном во општина Аеродром

Со овој проект ќе се прошират и реконструираат 430 метри од булеварот АСНОМ, на потег од објектот на Фудбалската федерација на Македонија (Куќата на фудбалот) до првите куќи на улицата Тодор Чангов, во Лисиче. Со проширувањето, булеварот АСНОМ на оваа делница ќе добие 4 (четири) сообраќајни ленти (по две ленти во секоја насока) широки по 3,5 метри. Ќе се изведе и средишна жардиниера со променлива ширина од 2 до 5 метри, како и тротоари, велосипедска патека и разделно зеленило.