Пожар во близина на бензинска пумпа во Радишани

Во скопската населба Радишани, веднаш спроти бензинската пумпа „Еурооил“, избувна пожар.

Запален е објект околу кој има бујна вегетација, а може да се забележат и стари хаварисани возила.

Во моментот интервенираат пет екипи на Противпожарната служба со помош на граѓани.

Чад од пожарот има во целата населба, а се стравува дека тој може да се прошири и на околните имоти.

Очевидци велат дека пожарот наводно настанал од искра при сечење железо.

Според информациите од терен, на сто метри од огнот веќе се чувствува неподнослива жештина.

Небото над Радишани е смрачено од огромен облак црн густ чад, а граѓаните во паника ги преместуваат своите возила паркирани во близина на пожарот. (makfaks)