Повторно се заљубив во тебе...

Во еден квиз на телевизија, мажот не го знаеше одговорот на прашањето, па напомош ја повика својата жена. Таа точно го одговори прашањето и така тој стигна до одредена сума на пари. Прво нешто што кажа беше: „Повторно се заљубив во тебе!“. Симпатично беше да се види тоа на телевизија. Човек ѝ изјавува љубов на својата жена и после 30 години брак. А не е филм, замислете. Кога последен пат некој вас ве изненадил на тој начин?

За мене љубовта не е изненадување. А сепак, кога го чув тоа, сфатив дека и јас некако несвесно сум влегла во таа струја на уверувања дека љубовта е нешто за коешто никој нема време. Размислете само, во таа бескрајна низа на обврски: разбуди се, намести го креветот, облечи се, дотерај се, разбуди ги децата, облечи ги, па однеси ги во градинка, па оди на работа, доручек, ручек, вечера, да не заборавиме и ужинки, па кој може да најде време за прегратки и бакнежи? Кој би се заљубил во својата жена, повторно? Ајде, ве молам, не ме зезајте!

А толку е лесно да сакаш, можеби тоа е и најлесно на светов. Но, не е сериозно. Го знаете тоа? Кога ќе „пораснете“, не е примерно да сакате јавно, а ни тајно. Да си ја држите сопругата за рака. Да ја бакнете за добро утро. За искажување љубов и нежности постојат специјални денови како родендени и годишници, 8 март и Нова година. Едноставно е, ако некој види дека се сакате, дури и ако не сте во иста просторија или еден до друг, тоа не е пристојно. Никој не ви верува. Се глупирате. Затоа што, кој се сака бре во време на сиромаштија и општо лудило? Само лудаците.

Го сакам тоа што сме луди. Уште малку па ќе излезе дека сме заедно и повеќе од пола живот. Кога ќе те погледнам и натаму го гледам она момче кое се симна од велосипед само за да ми купи еден цвет. Жената која продаваше цвеќе рече: „Ех, љубов!“ Тогаш ми беше смешно, затоа што зошто би морало да се потенцира дека е љубов. Но, веројатно сите мислат така на 19 години. 

Последниот пат кога ми донесе цвеќиња, јас ти се налутив.

  • „Ама зошто се трошиш, тоа се само цвеќиња!“

  • „Ама тоа не се само цвеќиња. Тоа се цвеќиња за тебе!“

Ме погледнува значајно и јас немам други избор освен повторно да се заљубам во тебе. Го гледаме оној телевизиски квиз кој го спомнав погоре и човек во рани 50-ти години ѝ вели на жена си: „Повторно се заљубив во тебе.“ Водителот на шега кажа: „Еве, ги бришам солзите.“

Јас и тој се смееме и сфаќам дека човекот не освои некоја голема сума пари, но ако им се расипала правосмукалката пред 10 дена, како што ни се расипа на нас или ако треба да го регистрираат автомобилот или ако на внучето му се ближи роденденот, тогаш тоа е одличен додаток кон семејниот буџет.

И така тој се врти кон мене и вели: „Повторно се заљубив во тебе“, а мене срцето ми се стегна. Го погледнав и се насмеав. Чекам. 

А тој разнежнето вели: „Каков фраер, а?“

  • „Каков фраер? А ти?“

  • „Што јас?“

  • „Па љубов, ова-она.“

  • „Тогаш ова-она.“ – вели тој, а јас веќе сум во неговите раце.

  • „Ти ќе пишуваш за ова, зарем не?“

  • „Како знаеш?“

  • „Па само тебе може да ти биде романтичен фактот дека човек се шегува на телевизија.“

  • „Тој не се шегуваше, тој само делуваше како да се шегува.“

Сега веќе и двајцата се смееме на глас. Се бакнуваме до рекламите. Си мислам: „Ете, повторно се заљубив во тебе.“ А всушност, никогаш не ни престанав да се заљубувам. 

И тогаш, во пауза меѓу два бакнежи, тој ми вели: „А да те пријавам за некој квиз?“

  • Србијанка Станковиќ