Повисока цена на нафтата и на пченицата - ќе поскапи ли живеачката во Македонија?

Освен што го полнат фрижидертот со храна и автомобилот со гориво, македонските домаќинства се поретко домашниот буџет го трошат и за нешто друго. Раст на трговијата на мало со храна и горива и пад на продажбата на непрехранбени продукти подолг период регистрира Државниот завод за статистика.

Во последното соопштение за прометот во секторот трговија статистичарите пресметуваат дека во декември, лани, малопродажбата на храна, пијалаци и тутун е зголемена за 5,1 процент номинално, а за само 2,4 проценти реално. Растот на трговијата со горива во номинална вредност изнесува 6,7 проценти, а во реална за 1,2 проценти. Кај продажбата на непрехранбени продукти, со исклучок на горивата има пад од 6,7 проценти номинално и 4,8 проценти реално. Притоа, во однос на истиот месец во 2016 година голем пад, од дури 8,6 проценти, има кај продажбата на моторни возила, моторцикли, делови и прибор за нивно одржување и поправка.

Статистичките анализи покажуваат дека просечно земено, околу една четвртина од приходите на македонските домаќинства се трошат токму на храна, а таа е и меѓу приоритетните набавки кои се прават откако ќе се платат сметките и кредитите. Потоа, на оние со просечни приходи им остануваат уште малку поари за да купат нешто друго, а на полошо ситуираните ниту денар.
Според анализите на Народна банка на Република Макеоднија, на светско ниво оваа и следната година ќе има поскапувања. Дали тоа ќе ја поскапи и живеачката во Македонија?

Повикувајќи се на податоци од релевантни институции кои ги објавуваат цените на берзанските производи, НБМ наведува дека повисоки цени ќе имаат нафтата, пченицата, а пченката ќе поевтини под очекувањата. Ќе растат и цените на некои метали, што е добра вест за металната индустрија, која ја има и во нашата држава, но во моментов се соочува со големи проблеми. Се на се, по пред и поновогодишниот бран на поскапувања, кога повисоки цени добија дизел горивото, кое продолжува да поскапува, млечните производи, како путерот, сирењето, поради недостатокот на млеко на глобално ниво, потоа јајцата и што уште не, до крајот на оваа и во наредната година не е исклучено да дочекаме уште многу вакви непријатни изненадувања. Или, едноставно кажано, не е исклучено живеачката да биде потешка.

Според најновата анализа на НБРМ, годинава се очекува поголем скок на цената на нафтата од претходно предвидениот, во најголем дел како резултат на договорот на земјите од ОПЕК и Русија за продолжување на договорот за намалување на производството и прекин во снабдувачките капацитети.

– Од друга страна, за 2019 година е извршена надолна ревизија така што сега се очекува поголемо намалување на цената на нафтата отколку во проекцијата во октомври, наведуваат од централаната банка.

Цената на пченицата годинава ќе расте, но според оценките на НБРМ, помалку отколку што претходно се проценувало. Очекувањата дека пченицата, како производ чија цена во голбални рамки може да влијае на другите цени, ќе поскапи помалку, се темели на податокот дека се зглемува производството во земјите на ЕУ, а на светско ниво растат залихите. Поголемо поскапување на цената на пченицата се очекува во 2019 година. Цените на пченката, според оваа анализа, ќе бидат во пад како резултат на очекувањата за зголемено ниво на светски залихи.
– Во 2017 и 2018 година цените на металите се ревидирани во нагорна насока очекувајќи повисок пораст на цената на никелот и бакарот, особено во 2018 година, во споредба со проекцијата од октомври што во најголема мера се должи на очекувањата за зголемена побарувачка на овие метали од страна на автомобилската индустрија, како и на можните прекини во снабдувачките капацитети. Од друга страна, во 2019 година проекциите на цените на металите се минимално надолно ревидирани при што сега се очекува помал пораст на цената на никелот и минимален пад на цената на бакарот, наместо претходно очекуваниот минимален раст, се наведува во анализата на НБРМ.