Повелба за Мето Јовановски за исклучителен придонес во филмската уметност

 

Фестивалот во своето образложение наведува дека Мето Јовановски е еден од оние актери кои го одбележаа македонското глумиште, бидејќи без оглед дали се работи за филм или за театар неговите улоги, мали или големи, секогаш остануваат во сеќавање.

-Неговата харизма, неговиот талент, неговата особеност, без нималку претерување, се нешто кое умее на секоја улога да ѝ даде не само живот, туку боја, сила, карактер, умее да  ѝ даде таков печат, кој не може никого да остави рамнодушен, посочува СФФ.

Повелбата на Јовановски му ја врачи директорот на Кинотеката, Владимир Ангелов, а актерот истакна дека радоста најмногу ја споделува со најмладата генерација која, како што рече, со себе носи нов филмски сензибилитет ослободен од сите стереотипи и малограѓански предрасуди.

-Да се биде актер, филмски работник, соработник, да се биде дел од филмска екипа, да се влезе во светот на креативноста, во тој тајновит волшебен свет и барем за миг да се заборави тој црно-бел свет со желба да се преточи животот во возвишен и креативен чин е чест и привилегија, но и одговорност пред оние за кои постоиме, а тоа се нашите гледачи, публиката која знае да ја вреднува нашата уметничка, креативена работа и со кои заедно го славиме творештвото – уметноста и животот како највисока универзална вредност. Да ги славиме филмот и уметноста како зрак светлина против мрачните стереотипи и сè она што ја убива душата човекова, рече Јовановски.

По свеченоста синоќа беше прикажан филмот „Кога ќе се раздени“ од 2015 година во режија на Горан Паскаљевиќ. Во програмата на Кинотека и СФФ посветена на легендарниот македонски актер се уште седум наслови во филмови од земјава и од регионот во кои учествувал:  „Бел, бел свет“; „Евреите доаѓаат“; „Засега без добар наслов“;  „Куќа покрај пругата“; „Ливада“, „Пресуда“ и „Тетовирање“.

Во рамки на СФФ, на новата фестивалска локација – кафе-кино „Котур“, беше прикажан краткиот документарен филм „Виолината на Џо“ кој во 2017 година беше номиниран за Оскар, а потоа се одржа средба со Кахејн Куперман, американска авторка, продуцентка и режисерка, која го претстави филмот и одговараше на прашања од публиката.

Кахејн Куперман е наградувана авторка на документарни филмови и телевизиска продуцентка. Таа продуцирала седум кратки документарни филмови за аутизам, а режирала два од нив за Ејч-Би-О. Неодамна беше и извршна продуцентка и режисерка на „Ладнокрвно: убиствата на семејството Клатер“, четиричасовна крими серија за вистински криминалци за Санденс ТВ на Амазон прајм. Таа била извршна продуцентка за „Њујоркер претставува“, серија за Амазон Прајм. Од 1996 до 2015 година, работела во познатата телевизиска емисија „Дејли шоу со Џон Стјуарт“.

-Најтешите моменти ни беа кога се случуваа големи трагедии, како 11 септември и пукањата во американските училишта. Како да правите хумор од тоа. Но Џон Стујарт беше извонреден да ја најде вистинската мерка, раскажа Куперман, која во Скопје гостува со поддршка на Американската амбасада.