Драги деца,

За вас никогаш не размислувам одвоено: Секогаш мислам дека вие сте – луѓе или нелуѓе – исто како и ние. Но, велат дека вие постоите, вие сте посебен вид кој се уште е подложен на влијание.

Затоа...

-. Никогаш залудно не истурајте вода, затоа што во истата секунда, поради недостаток вода, во пустината умира некој човек.
-. Но, ако не ја истурам, тој секако нема да ја добие таа вода!
- Нема да ја добие, но на светот ќе има еден бесмислен злочин помалку.

Од истата причина, никогаш немојте да фрлате леб, а ако го видите на улица, за никој да не го гази, подигнете го од земја и ставете го на најблиската ограда, затоа што не постојат само пустини во кои луѓето умират без вода, туку и куќи каде умираат без леб. Можеби тој леб ќе биде забележан од некој гладен човек, па ќе му биде помалку срам да го земе од оградата отколку од земја.

Никогаш не се плашите од нешто смешно и ако видите човек во смешна ситуација: 1) потрудете се да го извлечете, ако тоа не е можно, 2) скокнете и вие кон него, како во вода, тогаш глупавата ситуација ќе се подели на половина: секој ќе добие пола – или во најлош случај, правете се дека не гледате ништо смешно во тоа.

Никогаш не велете дека така прават сите: Сите секогаш прават лошо, штом така весело се повикуваат на нив. „Сите“ имаат друго име – никој, а воопшто немаат лице – само празнина. А ако ви кажат: „Никој не прави така“ (не се облекува, не размислува, итн.) – одговорете: „А јас сум некој!“

Не се грижите  за „немодерно“, туку за „нечесно“.

Немојте премногу да им се лутите на родителите, сетете се дека тие биле тоа што вие сте сега и дека и вие ќе бидете тоа што тие се сега. Освен тоа, тие за вас се родители, а за самите себе се „јас“. Не ги исцрпувајте со нивното родителство. Не ги осудувајте своите родители на смрт пред своите 40 години. А тогаш раката нема да ви се подигне!

Ако видите камен на патот – земете го и замислете дека токму вие трчате и си го пукнувате носот. Од сочувство (дури и кон себе – во другите), земете го.

Не се двоумете дали да го отстапите местото на постарите во трамвај. Двоумете се да не го отстапите!

Не се истакнувајте по она што е материјално. Другите – тоа сте и вие, баш вие. (Сите, без исклучок, сакаат да јадат, спијат, седат, итн.)

Не ја славете победата над непријателот. Доволно е сознанието. После победата – подадете ја раката.

Не зборувајте иронично за некој близок пред другите (дури ни за омиленото животно).  Другите ќе си одат, своите остануваат.

Книгите листајте ги од горниот агол на страницата. Зошто? Затоа што не се чита оддолу па нагоре, туку обратно.

Кога ја довршувате супата, накривете го садот кон вас, не од себе кон другиот – за во случај на незгода да не ја истурите супата на маса или на некој друг, туку кај себе.

Кога некој ќе ви рече: „Тоа е романтизам“, прашајте го: „Што е тоа романтизам?“ Ќе видите дека никој не знае дека луѓето го земаат овој збор во уста (дури и викаат и плукаат и ви го ставаат во глава), а чија смисла воопшто не ја познаваат.

Кога конечно ќе се уверите дека не знаат, одговорете сами, со бесмртните зборови на Жуковски: „Романтизам – тоа е душа.“

*Марина Цветаева ги напишала поуките за децата во зимата 1937/38, во форма на писма за едно детско емигрантско списание, кое за жал, никогаш не било издадено.