Поучна приказна: Не го губете трпението со децата, потрудете се да ги видите работи од нивното гледиште

Една наставничка по математика му објаснувала на својот седумгодишен ученик:

Ако ти дадам едно јаболко, и уште едно јаболко, а потоа уште едно јаболко, колку јаболка ќе имаш?

За неколку секунди, момчето самоуверено одговорило: Четири.

Наставничката очекувала точен одговор на ова многу лесно прашање, па била изненадена кога ученикот дал погрешен одговор.

Помисли уште еднаш, му рекла таа. Но слушај ме внимателно.

Ако ти дадам едно јаболко, па потоа уште едно, и на крајот уште едно јаболко, колку јаболка се тоа?

Детето го видело разочарувањето во очите на својата наставничка, а потоа повторно, овој пат користејќи ги прстите се трудело да пресмета колку јаболка се тоа. Потоа, со помалку самодоверба од првиот пат, одговорило:

Четири, наставничке.

Со уште поразочаран изглед на нејзиното лице, таа повторно се зачудила како може ученикот да греши на толку едноставна математичка задача. Потоа се сетила дека тој сака јагоди, па повторно го поставила прашањето:

Ако ти дадам една јагода, па уште една, па на крајот уште една, колку јагоди ќе имаш?

Три, како од пушка одговорило детето.

На лицето на наставничката се појавила победничка насмевка. Таа му честитала на ученикот. Потоа уште еднаш го прашала:

Значи, ако ти дадам едно јаболко, па потоа уште едно, и на крајот уште едно, колку јаболка ќе имаш?

Четири! – инсистирало детето.

Е, како можеш да имаш четири – прашала таа со построг израз на лицето.

Но, јас веќе имам едно јаболко во ранецот – со тивок и несигурен израз рекло детето.

Кога некој ќе ви даде одговор кој се разликува од она што сте сигурни дека го знаете, немојте веднаш да го губите трпението. Не претпоставувајте. Потрудете се да погледнете од некој друг агол кој претходно не сте го забелажале.