Потрошувачка кошничка на македонско семејство – може ли да се живее од просечна плата

Дали една просечна македонска плата е доволна за да се преживее месецот во Македонија? Или дали пак една минимална плата е доволна за да се задоволат основните потреби на едно семејство?

Едно просечно семејство во Македонија повеќе од половина од просечната плата ја троши на храна и на пијалаци, кои се составен дел од синдикалната минимална кошничка.

Поголемиот дел од граѓаните во Македонија земеаат плата од 12.000 до 24.000 денари. Дали оваа плата е доволна за еден месец?

-Јас и мојот сопруг имаме плата од по 12.000 денари. Тоа значи заедно на месечно ниво 24.000 денари. Од овие пари ние даваме по 7000 денари за да ги платиме сметките. По 10.000 денари трошиме за храна. Ни остануваат само 7.000 денари. А во меѓувреме дома имаме и студент, кој секој ден патува до Скопје. Месечната карта Куманово- Скопје е 3.000 денари. Секој ден мораме да му даваме на детето пари за храна. Кога ќе дојде крај на месецот ние немаме денар. А во меѓувреме ако се случи нешто непредвидливо се снаоѓаме како знаеме, а тоа најчесто е плата во минус. Банките се секогаш расположени за договор. Тешко ако се расипе некој апарат во домаќинството, или ако се разболиш. Тогаш требаат многу повеќе пари, раскажува Вале.

-Јас сум невработена, живееме само од платата на сопругот која е 20.000 денари. Не стига за основните потреби, а не за нешто повеќе. Живееме од месец за месец. И тоа кога ќе дојде крај на месецот се стискаме. За нас летен одмор е нешто невозможно. Дома имаме двајца студенти. Кога ќе дојде месец септември редовно секоја година земамае кредит, кој го исплаќаме цела година. И нареден септември пак, вели Анита.

Податоците покажуваат дека на едно просечно македонско семејство за да може да живее нормално му се потребни околу 35.000 денари.

Сепак, ако сакаш да си дозволиш нешто повеќе како годишен одмор, да го обновиш мебелот или пак да ја доградуваш ќуќата ти требаат многу повеќе пари.