Потрошени средствата за субвенции при набавка на печки на пелети

Од денеска официјално се потрошени средствата предвидени за надомест на дел од трошоците за купување печки на пелети во домаќинствата за 2018 година, информираат од министерството за економија.

Оттаму додаваат дека оваа мерка за која беа издвоени 14 милиони денари, е една од неколкуте предвидени во програмата за промоција на обновливи извори на енергија и поттикнување на енергетска ефикасност во домаќинствата за 2018 година.

Покрај неа има уште две мерки со иста цел: надоместување на дел од трошоците за замена на старата столарија со нови ПВЦ или алуминиумски прозорци, за која се обезбедени 30 милиони денари и надомест за купен и вграден соларен колектор, за која годинава се обезбедени 6 милиони денари.

Овие мерки ќе станат активни во месец март, со објавување на огласите за нив, информираат од министерството.