Потресни приказни: Тргнале по млеко, се спасиле од смртта

Невидената трагедија што му се случи на Скопје во земјотресот од 26 јули 1963, сe уште се раскажува низ многубројни драматични приказни, кои некои запишувачи ги нарекуваат и скопски вистинити легенди. 

Една старица што живеела во куќата на аголот каде што се сечеле улиците 11 Октомври и Ѓуро Салај, во близината на Зеленото пазарче, секое утро одела да купи млеко и леб за домашните. Во куќата живеела заедно со синот и снаата и со двете внучиња. Станувала многу рано, затоа што и нејзините домашни, синот и снаата, рано заминувале на работа. Се искрадувала од креветот многу тивко, без да ги разбуди домашните, особено внимавајќи на внуците. Но тоа утро на 26 јули се случило нешто необично. Кога старицата станала од креветот, ја забележале внучињата, и тие сакале да заминат со неа на пазарот.

Старицата се противела, но сепак, на крајот се согласила да ги поведе и нив со себе. Никогаш претходно не го правела тоа. Излегле од куќата во тоа мирно, летно скопско утро, и пред продавницата се задржале, чекајќи во редицата. Потоа тргнале назад, и кога стасале точно пред куќата, се случил кобниот настан. Земјотресот. Со ужасен татнеж и потрес, куќата пред нив се урнала до темел. Сите во неа загинале. По игра на случајот, старицата ги спасила своите внуци, кои тоа утро инсистирале да тргнат со неа. Таа трагична слика која ја пренеле весниците, хроничарот ја опишал вака: “И еве како старицата клечи до урнатата куќа, а внуците седат на голата земја, до нејзините нозе”.

Куќата на улицата Водњанска бр.40, спроти Клиничкиот центар, е една од оние во кои трагичното утро повеќе луѓе ги загубија животите. И со неа е поврзана една драматична и необична приказна, каква што само животот и случајот можат да напишат. Во Скопје, пред земјотресот, млекото се продаваше во големи стаклени шишиња, кои во метални гајби се разнесуваа по продавниците. Голема редица имало тоа утро на 26 јули пред самопослугата, од најраните утрински часови. Кога пристигнале шефот на самопослугата и благајничката, во исто време пристигнало и млекото. Но, за чудо, само во една мала гајба со 12 шишиња. И тие малку шишиња што ги имало, шефот одлучил да ги достави во болницата, за нејзините потреби. Настанала караница, негодување, при што, одговорното лице морало граѓаните да ги избрка надвор во дворот. Во тој миг се случил земјотресот, и додека оние избрканите од продавницата ја избегнале смртта, шефот и благајничката загинале. Куќата се урнала до темел. Жалејќи за караницата и за она што се случило, граѓаните се обиделе нешто да сторат за да ги спасат, но веќе било доцна. Тоа е уште една трагична игра меѓу животот и смртта во големата скопска трагедија.

Познато е дека животните имаат некое посебно сетило за да предвидат земјотрес или поплави. Една таква необична приказна со животните е поврзана и со скопскиот земјотрес. Во хотелот “Македонија” во центарот на градот каде што загинаа многу луѓе, главно странски туристи и гости, одржувачот на инсталациите во подземните простории на хотелот се спасил од смртта на чуден начин. Еве како се случило тоа. Откако цела ноќ дежурал во подрумите од хотелот, утрото на 26 јули бил буден. Наеднаш се слушнала врева од голем број глувци, кои излегувале од нивните скривалишта и бегале угоре, кон излезот. Тоа го правеле со многу врева, и се движеле еден по друг, во ист правец. Сакајќи да види каде бега глутницата, тој тргнал по неа. Глувците излегле право на улица, и се разбегале. Бидејќи се почувствувал пријатно на утринското сонце и на чистиот воздух, тој се задржал надвор уште некое време. Кога сакал да се врати, се случил првиот удар на земјотресот. Кога се свртел, ја видел ужасната слика на хотелот во урнатини. Не можел и самиот да поверува како, на необичен начин, си го спасил животот.

Продолжува на наредната страна............

На некои од загинатите не можеле да им бидат пронајдени телата, и им се губи секаква трага, особено на странските посетители. Според некои новинарски истражувања, тој фатален ден во градот имало околу 150 гости, странски државјани. Меѓу нив се посочува случајот со двајцата Швајцарци кои избезумено барале брачен пар што исчезнал под урнатините. Нивните деца биле пронајдени, но родителите никаде ги немало. Или друг пример. По земјотресот, во октомври, на делот од хотелот “Македонија” кој останал зачуван, можеле да се видат цвеќиња и парче хартија, на кое на германски јазик пишувало: “Од твојата мајка”.

Никогаш не се дознало името на жртвата што загинала во хотелот ниту името на мајката која дошла од Германија, и го поставила букетот со писмото.

Долго време по земјотресот оние што сѐ уште имаа куќи не спиеја во нив, туку на черги пред домовите, затоа што по земјотресот Скопје сѐ уште се тресеше. Интересна е и приказната како еден американски новинар си го спасил животот. Тој на 25 јули дошол во Скопје и сакал да отседне во хотелот „Македонија“, на местото каде што денес се наоѓа кафулето „Тренд“, но бидејќи таму немало место, вработените не можеле да му дадат сместување.

Новинарот се налутил и побарал сместување во хотелот „Турист“. Тоа што отседнал во „Турист“, наместо во хотелот „Македонија“, го спасило, затоа што хотелот „Македонија“ бил еден од најразурнатите објекти.

Тој бил срамнет со земја. Исто така, има интересна приказна за една француска група што имала претстави во Скопје. Тие сите биле сместени во хотелот „Македонија“. Една Французинка, која била член на групата, со себе го носела своето милениче – мајмунче. Вечерта пред земјотресот мајмунчето си играло со сите гости во хотелот, но вечерта и мајмунчето и газдарицата загинале во земјотресот

Во Скопје престојувал и Брајан Калверт, новинар на Асошиејтед прес, кој за трагедијата напишал: “Сум видел многу ужасни работи и стравотни човечки трагедии. Но никогаш не сум видел нешто што би потсетувало на Скопје. Луѓето овде? Ви се кине срцето кога ќе ги видите”. И нашите новинари имаат голема заслуга за известувањата и пишувањата за трагедијата, особено доајенот на нашето новинарство Јован Поповски, но и повеќето други афирмирани автори, известувачи и аналитичари.

Пишува Данило Коцевски