Потресна исповед: Кога имате сѐ, а немате ништо...

Имав сѐ: дом, прекрасен маж, две прекрасни ќерки, финансиска сигурност. Не можев да посакам ништо повеќе. Мојот живот навистина беше прекрасен.

Се чувствував сигурно. Но, со текот на времето, таа сигурност не ми помагаше. Сигурноста стана ограничување, затвор и така станав несреќна. Бев празна.

Бев изгубена...потполно изгубена – и немав поим како да се вратам назад.

Почнав да се запрашувам: „Каде е всушност домот?“
Можев да седам и во средиштето на Сахара наместо на мојот кремав двосед.

Мојот живот беше неудобно предвидлив – во секој момент знаев што ќе се случи. Мртвилото на мојот живот го уништуваше мојот дух. Јас повеќе не бев јас и знаев дека патот на кој ќе тргнам ќе биде страшен и неизвесен, но во еден момент јас навистина немав избор. Не можев повеќе да живеам одвоена од самата себе.

Тоа беше пред три и пол години.

Денес го пишувам овој текст седејќи на истио тој кремав двосед.

А која е разликата? Јас и илјадниците километри кои ги пропатував. Илјадниците нови искуства кои ги собрав по пат и кои ме доведоа назад кон мојот дом.

Имаше многу страшни моменти, многу моменти кога помислував дека нема да успеам. Направив многу грешки, но тие ме катапултираа во насоката која ми била судена. Не се каам за ништо, затоа што сите погрешни избори ме донесоа на право место.

Ако постои еден совет кој би сакала да го дадам на секоја личност на планетава, тоа би било дека секој треба да се изгуби. Себе-пронаоѓањето не е удобен процес, ниту пак треба да биде. Тој период на збунетост е катализатор за анализирање на сѐ, за проценување на својот живот и своето место во него. Кога ќе почнете да поставувате прашања, ќе ги најдете одговорите. Доволно е да се биде подготвен – тие одговори нема да бидат одговорите кои ги сакате, но тоа секогаш се одговорите кои ви се потребни.

Ако веќе се чувствувате загубено, слушајте внимателно. Вашиот дух вришти одвнатре и вели: „Помош! Досадно ми е и збунет сум. Сегашните околности не ме исполнуваат. Започни потрага. Барај во секој агол. Пробувај нови работи. Направи се што можеш за повторно да ме пронајдеш. Продолжи да го правиш тоа сѐ додека не си ја вратиш насмевката, сѐ додека не откриеш разбирање, прифаќање, среќа, радост и што е најважно – цел.“

Кога се чувствувате изгубено, вие сте ја изгубиле својата цел.

Се сеќавам колку често ме мачеше грижа на совест поради тоа што имав чувство дека сум неблагодарна во однос на мојот живот. Во текот на последните неколку години научив дека надворешните околности, без оглед на тоа колку совршено изгледаат, се безначајни доколку одвнатре сум скршена, изгубена и без никаква цел или насока. Ако немам цел, мојата околина ќе го почувствува тоа.

Како да ја пронајдете својата цел?

Направете нешто, што било. Направете нешто сосема спротивно од она што го правите сега.
Ако мислите дека знаете сѐ, пронајдете нешто за коешто не знаете ништо и научете го тоа до најмалиот детал.

Внимавајте на тоа како реагирате на работите. Ќе научите нешто ново за себе.

Кога ќе се најдете во непознати ситуации, вашата личност ќе излезе на површина и тоа во полн сјај.

Најтешкиот дел од овој процес е осаменоста. Не можете да се потпрете на никој освен на самите себе. Ова е соло мисија. Единствено има смисла сами да направите сѐ.

Слушајте се себеси без оглед на тоа што кажуваат другите. Важно е само сопственото охрабрување, а не туѓото обесхрабрување.

Она што мене ме туркаше напред беше вербата. Верував дека сум таму каде што треба да бидам и дека ќе завршам онаму каде што ми е судено да бидам.

Тоа е вашиот живот. Вистинска трагедија би било кога не би се откриле себеси.

А не можете да се откриете себеси, сѐ додека не почнете да се барате себеси, па затоа дозволете си себеси да се изгубите.