Потребни се инвестиции во туризмот, за привлекување на повеќе странски туристи

За развиен туризам се потребни нови инвестиции во овој сектор. Македонија има голем потенцијал, не само за езерскиот или градскиот туризам, туку и за развој на планинскиот, бањскиот, транзитниот , ловниот, религиозниот туризам. Сепак, потребни се вложувања.

„Од вкупно пет или шест бањи кои биле активни во минатото, сега повеќето се оставени на забот на времето. По должината на Коридорот 10 или на другите патни правци низ земјата каде транзитираат странски гости не е изграден ниту еден хотел, нема менувачница" – вели Славе Сирачевски од Стопанската комора на Македонија.

Треба да се има предвид дека вложувањата во туризмот се главен предуслов за да се исполни зацртаната цел за придонесот на овој сектор во вкупната економија на државава.

„Ако сериозно не се сфатат забелешките на туристичките работници нема да може да се реализираат проекциите од Стратегијата за туризам до 2020 година, а кои предвидуваат учество на туризмот со 5% во БДП" – вели Даниела Михајловска Василевска од Стопанската комора на Македонија.