Потпорен ѕид на Ловќенска во Општина Карпош

Првата асфалтна подлога на кракот од улицата Ловќенска во должина од 70 метри и широчина од четири метри беше поставена денеска во населбата Козле, како дел од инфраструктурните активности на општина Карпош, информираат од општината.

Оттаму соопштуваат дека изведувач на градежните работи е фирмата „Жикол“, а локалната самоуправа за овој проект инвестирала околу 2.800.000 денари.

„Општината се одлучи на овој чекор, бидејќи со предходните урбанистички планови практично на неколку куќи им беше оневозможен пристапот и жителите не можеа со возило да влезат во своите сопствени парцели. Токму затоа, новопроектираната улица треба да обезбеди директен пристап на граѓаните до своите домови“, стои во соопштението на Општина Карпош.

Во продолжение на коловозот, општина Карпош изгради и потпорен ѕид во должина од 45 метри, кој треба да го реши 65 годишниот проблем со надојдените атмосферски води и свлечишта, со кој се соочуваат жителите од овој реон. Целокупната инвестиција, заедно со поставување на потпорниот ѕид и асфалтирањето на улицата ја чини општината над 4.200.000 денари. Од безбедносна причина пак, локалната самоуправа го подигна овој потпорен ѕид кој оди длабоко, дури до шест метри во земја. Се работи за многу тежок пристапен терен со голема стрмнина и голема опасност врз куќите кои се наоѓаат во овој дел од општината, додаваат од Општина Карпош.