Постојат луѓе...

Постојат луѓе кои ненадејно влагаат во нашиот живот, а веднаш доаѓаат пред вратата на на нашето срце.

Постојат луѓе кои веќе си ги среќавал, си мислел дека ги знаеш, кои си ги гледал, а не си ги видел, не си ги забележал. Токму таквите луѓе можат да те изненадат.

Постојат луѓе кои не си ги ни барал, а сепак се појавуваат и оставаат голема трага во душата. Можеби твоето срце ги барало, можеби на твојата душа и требале, но ти не си знаел.

Постојат луѓе кои влегуваат во твоето секојдневие и оставаат неизбришлива трага. Нивните зборови се зариваат во твојата душа, нивните гестови, нивните дејства го следат  твоето сеќавање, нивното срце тропа на вратата на твоето срце, а ти и несвесно ја отвораш – стануваш свесен дури откако ќе се случи тоа. Нивниот живот влегува во твојот живот. Нивните чекори се среќаваат со твоите патишта, нивната тишина влегува во твојата тишина, нивното молчење во твоето молчење, нивната самотија во твојата самотија и некаде... некаде толку блиску и толку далеку – едноставно се случувате пред Оној кој ве создал, кој ве споил, кој ве упатил, кој ве повикал. Толку блиску, а толку далеку. Толку блиску, затоа што сѐ уште не ја сфаќаш големината на сѐ што се случува, реалноста на сѐ што се случува, затоа што сѐ уште не можеш да дојдеш до тоа место во себе, но знаеш дека е тука.

Постојат луѓе кои те насочуваат кон повисока реалност, на подалечни патеки, на некои други крајбрежја, луѓе со кои животот се движи кон вечноста.