Расте бројот на патници на македонските аеродроми. "ТАВ Македонија" ги објави новите податоци. За два месеца низ "Александар Велики" во Скопје и "Свети Апостол Павле" во Охрид минале 238 илјади 180 патници, што претставува раст од 9%. Овие бројки значат дека домашните аеродроми ја продолжуваат успешната приказна. Со евтините летови и новите дестинации се очекува да се натфрли ланскиот рекорд, кога беа превезени вкупно 1,8 милиони патници.

Очекувањата за поголем број патници годинава се подгреани од влезот на нови оператори и од проширувањето на лепезата достапни дестинации. Од 17 јуни станува оперативна линијата Скопје - Доха - Скопје на "Катар ервејс".

"Се реализира уште едно залагање на Владата за зголемување на бројот на достапни авиолинии. Остануваме на курсот за привлекување нови авиокомпании што ќе понудат дестинации со пристапни цени на билетите", вели министерот за транспорт и врски, Владо Мисајловски.
Дополнително, "ТАВ Македонија" ја оствари најавата за постигнување договор со "Еуровингс", членка на групацијата "Луфтханза", компанија позната во добрата мрежа рути до атрактивни туристички места.

Нискобуџетната авиокомпанија од 31 октомври ќе лета двапати неделно од Скопје кон Минхен, односно од аеродромот "Александар Велики" до "Франц Јозеф Штраус", главниот аеродром во овој германски град. Билетите се веќе во продажба.

"Скопје ќе стане една од нашите 150 дестинации, очекуваме да инвестираме повеќе во Македонија и во регионот во иднина", вели директорот за развој на мрежата линии на "Еуровингс", Иван Ореч. Преку "Луфтханза", пак, на македонските граѓани им се отвораат нови можности за европски и за интерконтинентални конекции.

Пред Германците, и Унгарците од "Виз ер" најавија воведување нови авиолинии од Македонија. Од 14 и 16 јули почнуваат да летаат од Скопје до Малта, Рим и Ваксјо во Шведска.

Паралелно, летовите од Скопје кон Ајндховен, Брисел, Меминген и Копенхаген ќе се реализираат трипати неделно, а четири летови неделно ќе има кон Гетеборг, Братислава, како и од Охрид до Базел. Секој ден од Скопје ќе се лета кон Малме и Милхаус.

"Нашата инвестиција во базата во Скопје со дополнителниот воздухоплов, трите нови линии и зголемените фреквенции на постојните летови значат повеќе работни места во Македонија, во "Виз ер" и кај нашите бизнис-партнери, а тоа дополнително ќе ги стимулира туристичките и угостителските индустрии и ќе ги зајакне бизнис-односите во Македонија", вели главниот директор на корпоративни прашања на "Виз ер", Овен Џонс.

"Виз ер" е субвенционирана од македонската влада и е главен играч на нашиот пазар. Лани превезе над милион патници и оствари годишен раст од 27%. Од Скопје и од Охрид нуди 29 линии до 13 држави, а тука е вклучена и рутата од Скопје до Будимпешта што стартува во април.