Обилните врнежи во последните 24 часа го зголемија нивото на водата во Вардар. Во неколку скопски региони реката се излеа од коритото.

Овие работници чистат еден подвозник кој води кон скопското село Глумово. Блокираниот канал од отпадоци го попречил протокот на атмосферските води.

„Вчера овде интервениравме за прочистување на оваа вода поради обилните врнежи кои од вчера не престанаа, врнеше и во текот на ноќта, затоа е насобрана толку вода поради тоа што ова место е како дупка и се собира водата. Овде има една цевка и таа е затната од отпадоци и песок“, вели Јусуф Зенели од ЈКП Сарај.

„Досега одовде извадивме 30 цистерни со вода од по 10 тони. Сега треба да се извадат уште 5 – 6 тури“, додава Неџати Исени.

Началникот на Центарот за заштита и спасување, исто така рече дека Градот Скопје е подготвен да се справи со настанатата состојба и дека нема место за паника.

Од  Управата за хидрометеоролошки работа најавуваат дека и во следните 24 часа ќе врне дожд.

Според Управата за хидрометеоролошки работа, најобилни врнежи имало во Маврово, 130 литри на метар квадратен, во Тетово 84, Дебар 71, Охрид 44, Скопје 35 и Куманово 19 литри на метар квадратен.