Поставен споменикот „Пламен на мирот“ во ООУ „Александар Македонски“

Градоначалникот на Општина Аеродром, Ивица Коневски заедно со г-ѓа Херта Маргарете фон Хабзбург Лотринген од Австрија, вчера во ООУ „Александар Македонски“ го открија споменикот „Пламен на мирот“, донација од меѓународната асоцијација „Пламен на мирот“.

„Со нашите активности сакаме да ги отвориме срцата на сите хумани луѓе во Македонија и соседството, да почнеме да помагаме на ранливите групи, да иницираме проекти со кои ќе ја поттикнеме солидарноста кај луѓето и ќе го промовираме мирот и разбирањето меѓу различните етнички заедници во нашата заедничка татковина, Република Македонија“, изјави Никола Блајбершник, претседател на Пламен на мирот – Македонија.

Оваа асоцијација, како дел од своите активности, дарува симболичен споменик „Пламен на мирот„ на лица и институции кои носат одговорност за луѓето, народите, државите, културите, природата и животната средина.

„Со големо задоволство сакам да укажам дека од денес нашата општина се вбројува меѓу привилегираните заедници и држави, во кои е поставен споменик „Пламенот на мирот“ – симбол со долга и благородна традиција. ООУ „Александар Македонски“ е првиот и единствениот објект во Македонија, во кој свечено се открива споменик „Пламен на мирот. Тоа за нас претставува привилегија, но и голема обврска“, изјави директорката на училиштето, Слаѓана Настовска.

Инаку, Херта Маргарете фон Хабзбург Лотринген е директна наследничка на австриската кралска династија на Хабзбургoвците, која e долгогодишен активист, хуманист и претседател на меѓународната хуманитарна асоцијација „Пламен на мирот„ со седиште во Виена, Австрија. Оваа асоцијација е непрофитна, непартиска и верски независна организација што има за цел да го промовира мирот и да ги наградува мировните иницијативи и активисти ширум светот. Асоцијацијата, исто така, се залага за креирање мировни идеи и за управување и ублажување на конфликти на сите континенти во светот.