Портокалова фаза од утре во Македонија- од работни обврски да се заштитат бремени жени и хронично болни

Согласно најавата на метео-алармот од Управата за хидрометеоролошки работи, во текот на следните три дена, почнувајќи од утре до сабота, територијата на целата држава ќе биде зафатена со високи температури од портокалова фаза, соопшти Министерството за здравство.

Министерството за здравство, согласно Акцискиот план за превенирање на последиците од топлотни бранови врз населението во Република Македонија, а со цел заштита на здравјето на луѓето, препорачува од работни обврски да бидат ослободени бремените жени и хронично болните лица на возраст над 60 години. На работодавците им се препорачува да го реорганизираат работното време во насока на избегнување активности на отворено во периодот од 11 до 17 часот. Министерството за здравство препорачува да не се одржуваат спортски активности на отворено во периодот од 11 до 17 часот, а особено се препорачува на установите за згрижување на децата (детски градинки) да не ги изнесуваат децата на отворено и да не практикуваат физичка активност во истиот период.

„За граѓаните од целата држава потсетуваме дека е потребно да ги почитуваат општите препораки за заштита од високите температури, како што се: заштита од директна сончева изложеност, избегнување престој на отворено во периодот од 11 до 17 часот, носење светла и лесна облека, консумирање лесна храна и течности, хигиенски начин на подготовка на храната и редовно земање на терапијата кај хронично болните лица. Поради повисоките температури кои се најавуваат за следните денови напоменуваме дека е потребен повисок степен на внимание при подготовка и консумирање на храната“, се наведува во соопштението.

Информации за топлотните бранови континуирано се дистрибуираат на интернет страната www.toplotnibranovi.mk

Со цел да се сречи труење со храна која е честа појава во летниот период, од Агенцијата за храна и ветеринарство порачуваат граѓаните при купување да водат сметка за изгледот и рокот на употреба на производот, да купуваат храна од проверени места, а лесно расипливите продукти да се купуваат исклучиво од објекти каде што се чуваат во разладни уреди.

Препорака е да се избегнува и храна со оштетена амбалажа, ладните или замрзнатите производи да се купуваат на крајот од пазарењето, а месото, млекото и јајцата да не се чуваат долго време во автомобилите.

Топлото време ќе се задржи до недела попладне кога според Управата за хидрометеролошки работи поради брз продор на влажна и посвежа воздушна маса од север, се очекува да има врнежи од дожд, појава на грмежи и засилен северен ветер. Тогаш ќе има и значително опаѓање на температурата. В недела позначителен пад на температурата ќе има во западните и северните делови, а в понеделник насекаде ќе биде посвежо, а максималната температура ќе биде во интервал од 23 до 31 степен. Потоа температурата ќе биде во постепен пораст.