Породилно отсуство од 18 месеци во Македонија?!

Породилното отсуство наместо девет да трае 18 месеци, се бара во Иницијативата за продолжување на породилното отсуство, која ја поднесе група граѓани со собрни 218 потписи.

Иницијаторите велат дека потребниот број потписи е собран во рок од пет работни дена во подрачните служби на Државната изборна комисија, а веднаш по реализирањето на оваа процедура, мајките кои застанаа зад ваквата идеја го поднесоа барањето до Собранието на Република Македонија. Во согласност со Законот за референдум, како што велат мајките, ги доставија записниците за собраните потписи и барањето за измена на Законот за работни односи до претседателот на Собранието, Трајко Вељановски.

Тие наведуваат дека целата иницијатива се однесува на Законот за работни односи, на членот 165, ставот 1, каде што е дефинирано времетраењето на породилното отсуство.

„Бараме измена на овој став, при што би се зголемило и најкраткото породилно отсуство кое е 9 месеци непрекинато за мајки со едно дете, а кои се во работен однос. Со усвојување на бараната измена, односно со продолжување на породилното отсуство на 18 месеци би биле опфатени сите мајки, а не само оние кои имаат близнаци, тројки…“, се наведува во нивното барање.

„Успеавме да собереме двојно повеќе потписи. Сигурна сум дека ќе имаше многу повеќе, но ние го запревме процесот бидејќи го исполнивме законскиот минимум. Заинтересираноста е голема. Нашата група на Фејсбук „450 дена породилно отсуство“ дневно ја посетуваат повеќе од 20 илјади граѓани, а имаме повеќе од 7 илјади директни поддржувачи. Сите што слушнаа за оваа иницијатива се согласуваат дека идејата е одлична и сите се надеваме дека ќе успееме и дека нашето барање ќе биде прифатено. Ако барем малку обрнеме внимание на хуманиот аспект од иницијативата, сигурна сум дека ниту еден пратеник во Собранието нема да гласа ‘против’, вели Снежана Кузмановска, потписник на иницијативата и мајка на петмесечно бебе.

Иницијаторот на идејата „450 дена породилно отсуство“ е Сашка Димитровска-Рабаџиска, мајка на деветмесечно бебе, која наредниот месец треба да се врати на работа. Таа објасни дека според сегашниот Закон за работни односи, бебињата треба да се остават во најчувствителната возраст, а сето тоа влијае на психофизичкиот развој на секое дете.

„За мајки со едно дете породилното отсуство е 270 дена, додека за оние кои имаат близнаци, тројки, четворки…е 450 дена. Тоа е по малку дискриминирачки бидејќи секое дете, особено бебињата на возраст од 8 до 9 месеци се развиваат исто. Освен тоа, породилно отсуство од 18 месеци им е најпотребно на жените со патолошка бременост бидејќи тие го започнуваат боледувањето многу порано. Со бебињата остануваат најмногу 6 месеци, а тој период е прекраток. Мајката треба да се врати на работа во моментот кога на детето му е најпотребна. Треба да ги следиме искуствата барем од земјите од регионот, не мора западноевропските земји. Во Србија и во Хрватска породилното отсуство е една година. Во Бугарија е дури три години, вели Димитровска.

Мајките кои ја иницираа идејата имаат огромна поддршка од педијатрите, кои сметаат дека е од огромна важност мајката да биде со бебето што подолго.

„Апсолутно сум за продолжување на породилното отсуство бидејќи е неопходно мајката да биде со своето дете барем година и пол. Доењето на бебето е најважно за правилен психофизички развој, а тоа трае и подолго од 9 месеци, колку што сега е времетраењето на породилното отсуство. Освен тоа, сметам дека породилното отсуство треба да биде продолжено поради фактот дека во најраната возраст кај децата се јавуваат голем број респираторни заболувања, па за да се спречи настанување на сериозни компликации, многу подобро е бебето да биде со својата мајка дома отколку да биде дадено на згрижување во детските градинки, објасни д-р Катерина Старковска, педијатар во поликлиниката „Идадија“.

Ова е првиот чекор што го правиме за доброто на нашите деца, велат поднесувачите на иницијативата, нагласувајќи дека по ова ќе ја чекаат оцената од претседателот на Собранието, кој ќе треба да ја извести Државната изборна комисија и потоа да се започне со процедура за собирање 10 000 потписи со цел Парламентот задолжително да расправа за поднесениот предлог.