Порака на денот: Каде и да одиш, не можеш да побегнеш од себеси

Многу често наивно веруваме дека ако го промениме местото, работата, населбата, станот, итн., дека ќе успееме да побегнеме и од она незадоволство кое длабоко тлее во нас.

Сите понекогаш сме заробени во еден лош круг на мисли кога мислиме дека на сите им е подобро, дека ние сме празни и дека животот ни нема смисла и дека ако направиме драстична промена, дека сето тоа ќе се смени.

И многу често навистина правиме драстични промени за да избегаме од тие мисли. И на почеток, навистина ни е супер, се чувствуваме среќни и полетни, промената добро ни доаѓа и мислиме дека сме ги решиле тие проблеми засекогаш.

Но, многу наскоро сфаќаме дека тие мисли полека се враќаат и дека душата повторно се чувствува лошо и се гушиме од околината. Тоа е затоа што не сме ги разрешиле проблемите, не сме ја разрешиле таа тага која постоела во нашето срце, туку само привремено сме ја преместиле, поттиснале, замачкале со нови сјајни работи.

Душата ќе ја разбудиме, тагата ќе ја избришеме само ако седнеме и иако искрено поразговараме самите со себеси. Кој е изворот на таа тага и поттиштеност? Која е причината за тоа? Но, ова ќе функционира само ако сме комплетно искрени самите со себеси. Кога ќе ги откриеме овие работи, можеме полека да работиме да ги решиме и промениме. Ова е долг процес, но со упорност и дисциплина можеме да постигнеме сѐ. 

И кога на крај ќе излеземе од тој лош круг на мисли, кога ќе го најдеме изворот и ќе го решиме главниот проблем, тогаш сфаќаме дека не било ни до работата, ни до земјата, ни до населбата, ни до ништо... Сѐ било во нашата душа и таа се обидувала да ни збори, но ние сме ја игнорирале, затоа што тоа е полесно и затоа што мислиме дека со неколку брзи потези можеме да залечиме нешто кое со години се натрупувале.

И тогаш човек сфаќа дека каде и да оди, со себе се носи и себеси и дека каде и да оди, не може да побегне од себеси и од својата душа и совест. И тоа е една од највредните лекции во животот.