Поради лошите услови за живеење во Битола, Лука се враќа во Скопје

Социјалните мрежи денеска беа преплавени од фотографии од тажното мајмунче Лука, сместено во валкан кафез во битолската Зоолошка градина, без речиси никакви хумани услови за живеење. Во исто време беше споделена и фотографијата на Лука додека тој беше сместен во Скопската зоолошка градина, со банана во раката и задоволен поглед – токму таа фотографија на Горан Анастасовски се најде во изборот на британскиот весник „Дејли мејл“ на највесели фотографии од животни на последната деценија.

Разликата во изгледот и погледот на Лука е повеќе од очигледен.
По жестоките реакции во јавноста, се огласи директорот на Скопската зоолошка градина, Ѓорѓи Галетановски, кој рече дека донел одлука Лука да биде вратен во Скопје.

– Пред извесно време во Скопје ЗОО имавме сугестии од странските ментори да го преселиме мајмунчето Лука некаде каде што ќе живее во заедница бидејќи во Скопје требаше да остане сам. Затоа одлучивме да оди во Битола извесен период. По вчерашните слики од некои граѓани на Битола, видов дека не може да живее таму и денес со мојот тим одлучив Лука да биде вратен во Скопје. ЗОО Скопје секогаш ќе биде спремна за помош на битолската Зоолошка, но и тамошните власти треба да најдат решенија и да створат услови за нормален живот на сите животни бидејќи зоолошките во Европа и светот постојат за едукација и за да ги заштитат и да се грижат за опстанок на ретките видови животни. Кон тоа се стремиме и ние – напиша Галетановски на Фејсбук.
Малечкото мајмунче Лука беше напуштено од својата мајка, па поради тоа, чуварите од Зоолошката градина во Скопје го зедоа под своја заштита и го опсипуваа со љубов и нега.
И така беше сè до денот кога го одведоа Лука во Битола, кога тој целосно ги промени својот изглед и расположение. За среќа, Лука набргу ќе се врати во својот дом во Скопје.