Поништени два тендери за изградба на сала и базен во Карпош

Општината ги поништи двата тендери наменети за изградба на спортска сала и затворен базен во рамки на основното училиште „Лазо Трповски“ во Карпош 3. 

Комисијата на локалната самоуправа решила да ги поништи двата тендери бидејќи ниту една од пристигнатите понуди не соодветствувала на очекувањата на Општината. Постапката беше отворена минатата есен, а за таа цел веќе е изработено идејно решение за двата спортски објекти. Изминативе неколку години, локалната самоуправа на оваа скопска општина се залага за изградба на нови спортски објекти во рамки на основните училишта сместени на нејзина територија. Ветувањето е дека во наредниот период треба да се изградат вкупно 5 нови затворени базени, а дополнително најавена беше изградба и на спортски сали во училиштата во кои недостасуваат.