Понекогаш љубовта изгледа баш вака...

Љубовта ти е како ѕвездите на небото, како снегулките, како дланки раширени ширум светот, како плодовите во утробата на школката со бисери – никогаш нема да најдеш две исти. Не знам зошто се трудиш, затоа што залудно е да мислиш дека љубовта е нешто што навистина го познаваш. Тоа што го знаеш ти, тоа е твое спознание. 

Затоа што ти, човек кој верува дека секоја љубов си личи како јајце на јајце, како шаблон на портретот на Фрида Кало на секоја памучна бела маица, не, ти не знаеш колку различни лица може да има љубовта, колку слоеви и непознати длабочини и висини. 

Затоа, не ја мери според своите аршини, според своите мерачи, својот здив, со оние ретки или малку почести прескокнувања на срцето. Љубовта понекогаш има збрчкани раце. Понекогаш тоа е нечиј длабој подочњак. Љубовта знае да биде и суштество со криви нозе, лош здив или ретка коса. Можеш ли да си го замислиш тоа?

Љубовта има обичај и да биде навидум празна, досадна, некреативна, а всушност, таму некаде, таа ги чува своите најнежни зборови, најтопол шепот и најуверливото „Сѐ ќе биде во ред.“ Знае да биде и како паднато копче од капутот, кое го носиш во џеб. Или можеби вдлабнат тросед од некакви нежности.

Љубовта често има и дупка во чевлата и дупка во забот. Затоа што и дупките заслужуваат да бидат сакани. Таа знае да биде непредливлива, па да скокне пред тебе кога најмалку се надеваш, а тоа знае многу добро да го прави, дури и кога ќе помислиш дека нозете ѝ се толку кревки што не може ни да скока. А тогаш срцето ти чука толку силно, што се срамиш од сопствените мудрости дека љубовта е премногу стара и уморна. Љубовта може да стои во секоја рамка, затоа што нејзе не ѝ се потребни рамки, таа сама по себе и за себе е уметност. Но, не сите ги разбираат уметниците, зарем не?

Понекогаш љубовта е како некоја трета кривина на некој пат. Или поглед кој завршува баш на тоа дрво. Па иако сега може да делува дека на тој начин ѝ се поставуваат граници, тоа ни најмалку не е точно – затоа што и кривината и дрвото можеш да ги гледаш од безброј многу агли. 

Луѓето често ќе сакаат да ти кажуваат што е љубов и каква треба да биде љубовта. Не само што тоа често ќе го прават, туку и ќе стојат на својот став дека ти не се вклопил во сето тоа. Како ти да си некое тесто за новогодишен колач. И како секоја љубов да мора да го има истиот облик, истото украсно дрвце или дрвено коњче. Но, љубовта понекогаш има криви раце. И пропаднати федери. И напукната рамка на сликата. И сѐ и сешто. Само некој да дозволиш да те уверат дека ништо од тоа не е љубов. 

Ќе се најдеш во ситуации кога ќе сакаат да те уверат дека поим немаш за љубовта. А не знаат колку се всушност осамени без неа. И затоа ќе сакаат да ти ја подметнат како нешто непримерно, а не знаат колку нежности има во таа љубов. И колку светлина може да влезе низ некои прозорци. 

Често ќе ти велат дека не треба така, затоа што и самите заборавиле како е тоа. Љубовта не може да те загушува, таа може да биде само птица која не познава кафези. Затоа што љубовта често има дупка во чевлата и дупка во забот. Често има и дупка во срцето. И знае многу добро. Но, секое срце е поинакво, па така секоја дупка во срцето е само своја и уникатна. Затоа што и дупките се за сакање, а низ онаа во срцето, тече животот. 

Ќе сакаат да те убедат дека не знаеш ништо за љубовта. И дека тие те сакаат и знаат како треба. 

Но, љубовта понекогаш е поглед на нечии влакнети раце. И нечиј испрекинат здив. И дупка во животот, којзнае каква. Често е наполнета со желби, понекогаш со стравови, неретко е некреативна. Секогаш поинаква. 

Сите тие несовршености се совршени во својата различност. Па ниту прозорците не се исти. Ниту светлината која влегува низ нив. Некој ќе биде заслепен од светлината, а на некој ќе му годи. А некои и не ја ни гледаат.

Љубовта може да биде различна работа за различни луѓе. И сосема различно да изгледа. И да не изгледа. И да создаде свое сопствено чудо. Но, само кога е љубов. Есенција. Своја. Само своја. Затоа што никогаш нема да најдеш две исти љубови.