Понекогаш човек едноставно се уморува...

Понекогаш човек едноставно се уморува. И тоа е сосема океј.

Човек се уморува од лаги, предавства, човечка завист, пакост и љубомора.

Се уморува од непотребни правдања за добронамерни постапки, се уморува од сомнежи и неискреност. Велат дека кога го имаш Бог за сведок, треба да ги оставиш луѓето да мислат и да зборуваат што сакаат.

Но, понекогаш човек едноставно се уморува.

Се уморува од постојано поставување на нови цели, кон постојано качување кое некако како да нема крај. Се уморува од порази и победи.

Се уморува од арогантни владетели и од неспособните послушници и упикувачи со кои се опкружуваат, но и од оние кои молчат, наседнуваат на евтини поени и дозволуваат неказнено да пројде недостатокот на видливи резултати, неисполнување на ветеното и општата состојба на општеството која не дава никаква надеж за подобро утре.

Понекогаш човек едноставно се уморува.

Ретко преоѓа директно од една во друга соба. Секогаш тука има по некој ходник, некој меѓупростор на изгубени чекори. Оној во кој треба да се донесат животни одлуки за тоа во која соба треба да влезе, по кој пат треба да тргне и зошто?

Понекогаш човеке едноставно се уморува.

Тоа не значи дека се откажал, дека не верува, дека не е мотивиран или дека не размислува позитивно. Токму во тие моменти на умор од секојдневното, лажното, евтиното, човек се пронаоѓа себеси и непопречен од бучават и гравитацијата на мнозинството, мудро и сигурно оди по својот пат.

Понекогаш човек едноставно се уморува.

И тоа е сосема океј.