Полски нуркач ќе го руши рекордот на Казати во пештерата Врело

Спелеолошкиот нуркач Кшиштоф Старнавски од Полска ќе се обиде да го сруши рекордот на италијанскиот нуркач Луиџи Казати, кој во 2010 година се спушти на длабочина од 212 метри во пештерата Врело на Матка. Во организација и на покана на нуркачкиот клуб „Акаватек“ и спелео- нуркачкиот клуб „Врело“, Старнавски веќе неколку денови, заедно со тимот од домашните нуркачи ги прави подготовките и нуркањата во пешерата Врело, по што ќе се обиде да го сруши рекордот на Казати.

Подвигот на Старнавски ќе трае окулу десет часа и како што велат домашните нуркачи за него е потребна многу голема концентрација и психо-физичка подготвеност. Тимот од нуркачи од “Акватек“ и “Врело“ кои се сертифицирани пештерски нуркачи, активно учествува во подвигот на Полскиот нуркач и заедно со него прибираат информации за неоткриените делови од подводната пештера. Старнавски во вторникот се спушти на длабочина од 188 метри и ги провери премините и условите за подлабоките нуркања, и со помош на домашните нуркачи го постави хабитатот потребен за декомпресија.

Во 2010 година Казети се симна до длабочина од 212 метри во десниот крак на пештерата Врело, а се претпоставува дека оттаму кракот повторно се дели на две нови патеки, кои продолжуваат понатаму во длабочина. Оваа пештера досега е исражувана на неколку пати од домашни и странски нуркачки експедиции, при што е испитан само дел од нејзината внатрешност и не се знае до каде точно се простира и на колку метри длабочина е нејзиното дно.

– Целта на оваа експедиција е да се истражат нови премини и делови во Врело во кои досега не стапнал ниту еден човек. Да се приберат податоци за постоење на подводни галерии како и скицирање на подводно- подземните канали на пештерата. Ако се постигне и нов рекорд тоа дополнително ќе придонесе за зголемување на атрактивноста на овој локалитет, како и за развој на туризмот со посетата на пештерата Врело и Кањонот Матка- вели Даниел Атанасовски, сертифициран спелеонуркач од „Акватек“ и додава дека досега, со постигнатите резултати Врело се најде на листата на пештери во коишто нуркачи влегле подлабоко од 200 метри и според неофицијални информации се смета дека нејзината длабочина е 330 метри, што ја прави најдлабоката пештера во светот.

Инаку Старнавски во 2011 година го собори рекордот кој го држеше Дејвид Шо во нуркање со ребридер и постигна длабочина од 283 метри во Црвеното море, во предел во близина на Дахаб, Египет.