Половина од граѓаните, годинава, нема да бидат во финансиска можност за да одат на одмор

46,8% од граѓаните, финансиски не можат да си дозволат, летово да одат на годишен одмор. Вака одговорија граѓаните на прашањето: Земајќи ја предвид кризата со коронавирусот, дали сметате дека ќе бидете во финансиска можност да одите на годишен одмор?, при што само 34,9% од испитаниците велат да, ќе бидат во финансиска можност, годинава да одат на годишен одмор.

Истражувањето за јавното мислење кое за „Детектор“ го спроведе Институтот за политички истражувања – Скопје, со телефонска анкета спроведена од 11-14 мај на репрезентативен примерок од 1108 испитаници од целата држава.

Додека пак на прашањето, дали сметате дека ова лето ќе бидете во можност да го искористите вашиот годишен одмор?, 41,3% од испитаниците одговориле дека не се вработени или пак се пензионери. 16,1 % велат дека нема да можат да го искористат годишниот одмор кој им следи, а само 28,5% велат дека ќе можат, годинава, да го искористат годишниот одмор.

Испитаниците што велат дека ќе бидат во можност, годинава да одат на одмор, беа прашани која дестинација ќе ја одбера, при што несомнено, најголемиот процент од 9,6% велат дека нивниот избор е Охрид. на второ и трето место се соседните држави Грција и Албанија, кај кои би летувале 7% и 4,2 отсто од испитаниците. Дојран и Струга како македонски дестинации за одмор би ги избрале 2,3% Дојран и 2,1 отсто од испитаниците годишниот одмор би го поминале во Струга.