Полни улици, полни маркети и кафеани, но никој никого не разбира

Сите некако замислено одат онаму кадешто тргнале. Колони наутро и попладне, луѓето брзаат на своите работни места, жените се шминкаат на семафори, мажите размислуваат дека можеби ќе спијат после работа, децата сонуваат за некоја убава иднина.

Живееме или преживуваме? Дали е само тука така или насекаде, низ светот? Дали секаде луѓето сè повеќе живеат во своите мисли, а сè помалку низ луѓето, смеејќи се?

Сите брзаме некаде, со главоболки, хронично уморни. Земаме витамини, пиеме лимонада за појадок, зелен чај после ручек и одиме на спиење порано. Но, се чини дека ништо не помага. Ден по ден ништо се менува.

И, не сакаме да сме сами, и не сакаме да сме со другите, прегласно ни е. Па, каде сакаме да бидеме? Што треба да смениме за да се насмееме?

Можеби само треба да се тргнеме од своите телефони, можеби е најдобро да излеземе од своите мисли, да престанеме да ја планираме иднината, да престанеме да го глорифицираме минатото, денеска го немаме ни едното ни другото. Можеби само треба да живееме, тука во овој момент, сега! Чисти како што сме родени, само со насмевка и чиста мисла, без осуда за другите, без критика за себе. 

Можеби сè што ни треба е само да се разбереме едни со други.