Јавната безбедност во старо Скопје се грижела за целокупната безбедност на градот и граѓаните преку ноќните стражари. Ноќните стражари го надгледувале движењето во градот, ги проверувале сомнителните личности и за тоа поднесувал рапорти. Се водела книга на патници и странци кои доаѓале и си оделе од градот, се внимавало на локалите и  местата каде што се работело со оган и се обрнувало внимание при негова неправилна и опасна употреба.

Секоја улица во градот имала свој полицаец-чувар, а навечер обично патролирале по двајца чувари-полицајци на коњи. Коњичката полиција била сместена во куќа,  сопственост на фамилијата Жариќ, а се наоѓала во Маџар маало (каде што денес е комплексот на банки). Во составот на оваа коњичка полиција имало и голем број  Босанци.

Во надлежност на полицијата спаѓале и наредбите и мерките што ги предлагала ветеринарната служба. Тоа биле оние во врска со сузбивање на   зарази кај добитокот, контрола на продукти за исхрана, пијалаци и промет со нив, како и контрола на вработените кои доаѓале во допир со нив,   просториите во кои се чувале намирници и добиток и др. Под санитетско-полициска контрола биле и преноќиштата, становите, работилниците, фабриките, гробиштата, местата каде што се исфрлала нужничка и помијарска нечистотија, како и јазови и барски места, односно сите места каде што се продавал жив добиток, како и дуќани, превозни средства, грижа за умрени животни, касапници, месарници и млекарски работилници.

Но, сето ова спаѓало во пошироката надлежност на полицијата, додека нејзина основна задача била сузбивање на криминалот и одржување на редот и мирот во градот.