Просечната месечна исплатена нето-плата во септември изнесува 23.229 денари и е поголема за 4,7 проценти во споредба со септември минатата година.

Државниот завод за статистика денеска објави дека зголемувањето се должи пред сé на покачувањето на платата во секторите Уметност, забава и рекреација, Преработувачка индустрија и во Рударството и вадење на камен.

Во однос на август годинава, забележано е зголемување на платата во секторите Уметност, забава и рекреација, Други услужни дејности и Земјоделство, шумарство и рибарство. Зголемување од 4,6 проценти во однос на септември лани има и кај просечната бруто-плата која во септември годинава изнесува 34.127 денари.

Во септември годинава, еден процент од вработените во Македонија не зеле плата.