ПОГЛЕД ОДВНАТРЕ: Финални подготовки на новиот македонски воз

Во декември се очекува новиот македонски воз да ги прими првите патници. Веќе се вршат подготовките на возот пред да биде пуштен на пругите.

Електронска табла за управување, камери наместо ретровизори, монитори за кабината на машиновозачот, електронски дисплеи за означување на станиците, вакум-тоалети, климатизирани вагони има новиот македонски воз чии финални подготовки се веќе при крај.

Тимот на Телеграф.мк доби ексклузивна можност да ја следи работата врз возот која деновиве се одвива во погонот на подружницата на МЖ „Транспорт, влеча и одржување на возните средства“. Се проверуваат сите негови електронски и механички системи.

Проверките ги прават дваесетина стручни лица од кинескиот производител „ЦСР“ кои работат речиси деноноќно. Возот прво треба целосно да се провери во состојба на мирување. Потоа се преминува во втората фаза од неговото тестирање, а која ќе опфаќа тест-возења на релација на пругата од Гевгелија до Табановце.

Како што ни објасни директорот на „Влеча и одржување на возните средства“, Игор Коруноски, се очекува за десет до петнаесет дена да се премине во фазата на тест-возења. Конечното пуштање во сообраќај би било за еден месец.

- Се тестираат електронските системи во возот, а особено сопирачкиот систем. Целата функционалност на возот мора да се испита тука на место, додека е во мирување, а потоа ќе се оди во тестирања во сообраќај. Возот сè уште не ни е предаден. Производителот ни го достави од Кина, а откако неговите претставници ќе го испитаат целосно, ќе ни го предадат – објаснува Коруноски.

Од Кина се ангажирани дваесетина стручни лица. Тие го проверуваат секој детаљ од возот, но во исто време се вршат и обуки на наши машиновозачи, но и на сервисери. Селектирани се седуммина наши машиновозачи, кои веќе го поминале теоретскиот дел од обуката.

- Како што се врши обуката на машиновозачите, така подготвуваме и наши обучувачи, кои ќе ја продолжат обуката за нашиот кадар. Секако, во рок од три години додека трае гарантниот период, тука ќе има цело време претставници од производителот, кои ќе се грижат за беспрекорно функционирање на возот – вели Коруноски.

Повеќе фотографии и видео погледнете на Телеграф.мк.