Поднесено обвинение за разбојништво во спортска обложувалница, еден од извршителите во бегство

 По спроведена истражна постапка, надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје поднесе Обвинителен акт против едно лице за кривично дело – Разбојништво од член 237 став 1 од Кривичниот законик. Обвинетиот делото го сторил во соизвршителство со друго лице, кое до овој момент не е достапно на органите на прогонот.

Како што соопшти ЈОРСМ, обвинетиот и неговиот соизвршител, по претходен договор, на 9 октомври влегле во објект на спортска обложувалница на улица „Зеничка“ во Скопје и се заканиле дека ќе нападнат врз животот на една вработена. Притоа обвинетиот, со пиштол во раката, побарал од оштетената да каже каде се парите и ја турнал до ѕидот, додека другиот осомничен се упатил кон работниот пулт и од една од фиоките одзел 133.460 денари.

Со оглед на тоа што и натаму постојат околности кои упатуваат на опасност од бегство на обвинетиот, како и основан страв дека тој би можел да го повтори делото, да влијае врз сведоците или да ги сокрие и уништи трагите од кривичното дело, надлежниот јавен обвинител до Основниот кривичен суд достави и Посебен предлог за продолжување на мерката притвор за обвинетото лице, се наведува во соопштението.