Поднесена кривична пријава за лице кое дало лажен исказ

На вчерашната прес-конференција, дополнителната заменичка министерка за внатрешни работи Славјанка Петровска истакнувајќи ја сериозноста на ситуацијата во земјата, особено по прогласувањето на вонредната состојба, посебно ја нагласи улогата на здравствените работници, припадниците на Министерството за внатрешни работи и Армијата, како и институциите кои се вклучени во системот на заштита и управување со кризи, кои како што подвлече, целосно ги активираа своите капацитети и човечки ресурси во справувањето со ширењето и последиците од КОВИД-19.

Притоа Петровска информираше и за одредени несовесни и нечовечки однесувања на поединци, кои предизвикуваат сериозни последици врз здравјето и сигурноста на граѓаните и против кои се преземени одредени активности.

„Осомничениот Ф. К. не почитувајќи ги правните прописи за време на епидемија од заразна болест извршил кривично дело со кршење на прописи и наредби со кои надлежен орган определува прегледи, дезинфекција, издвојување на болни или некои други мерки за сузбивање или спречување на заразни болести кај луѓето или со вработување или држење на лице кое боледува од заразна болест со вршење на полово дејствие или на друг начин, предизвика пренесување на заразна болест по член 205 ст.1 и кривично дело ,,Непочитување според здравствените прописи за време на епидемија“, предвидено и казниво по чл. 206 ст.1 од Кривичен Законик на Република Северна Македонија“, посочи дополнителната заменичка министерка за внатрешни работи Петровска, која на новинарско прашање одговори дека подетални информации за случајот ќе даде утре по поднесувањето на кривичната пријава.

Петровска информираше дека осомниченото лице дало лажен исказ дека не излегло од државата, а притоа неговиот влез бил регистриран на граничниот премин Табановце на 8 март и иако истото од здравствена екипа од Институтот за Јавно здравје било известено за одлуките на Владата, дека е прогласена епидемија од КОВИД-19 и истиот е обврзан да биде во ,,самоизолација“, тоа не било испочитувано.

„Осомничениот Ф.К. наместо да ги почитува насоките за самоизолација, се однесувал спротивно на одлуките претходно донесени од Владата на Република Северна Македонија со што го прекршил Кривичниот Законик по чл. 205 став 1. Тој во континуитет остварува средби со неговите родители, братот и негова пријателка, остварува и средби во фирмата, а и подоцна продолжува со своето непридржување кон самоизолацијата“, информираше заменичката министерка за внатрешни работи, додавајќи дека лицето против кое ќе се поднесе кривична пријава постапувајќи несовесно и неодговорно заразило повеќе лица и со тоа допринело за ширење на епидемијата.

„Истовремено, сакам да ја известам јавноста дека Министерството за внатрешни работи располага со информации дека дозволите кои се издаваат од приватните компании кои се регистрирани за работа во ноќна смена се злоупотребуваат, односно фалсификуваат. И токму затоа започнавме со истрага која треба овие информации да ги потврди или отфрли. Доколку постои макар еден случај на злоупотреба, ќе постапиме крајно рестриктивно и ќе ги примениме сите мерки кои и стојат на располагање на полицијата. Нема да се двоумиме тие лица да ги лишиме од слобода, да побараме мерка притвор и затворски казни за евентуалните сторители. Доколку се утврди злоупотреба ќе побараме ограничување или одземање на ова право на таа фирма која ја сторила злоупотребата, а лицата кои го сториле тоа ќе ги гониме за кривично дело’, нагласи Петровска.

Заменичката министерка за внатрешни работи апелираше до граѓаните на државата да ги почитуваат серијата мерки за заштита на граѓаните, кои би донесе Владата истакнувајќи дека иако тие мерки не се едноставни, сепак претставуваат единствен начин како да се заштити здравјето на сите граѓани.

„Недозволиво е поединци да мислат дека може да го изиграат законот. Недозволиво е поединци, несовесни и неодговорни да се обидуваат да ги изиграат институциите. Затоа, тие ќе го добијат одговорот од овие институции“, го заврши своето обраќање пред јавноста дополнителната заменичка министерка за внатрешни работи Славјанка Петровска.